пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Што е проблематично во оваа изјава?
- Артан Груби ја злоупотребува функцијата член на Владата на РС Македонија за ширење лажни вести и дезинформирање на јавноста. Владата нема заземено став, ниту пак има донесено одлука која се однесува на ваков вид субвенционирање. Тоа значи дека изјавата дадена во својство на член на Владата пред зградата на Владата, има за цел лажење на јавноста и создавање погрешен впечаток за функционирање на власта, негирање на институциите и нивно дезавуирање.
- Артан Груби промовира донесување владини решенија кои по својата суштина се дискриминирачки врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација, Европската конвенција за основните права и слободи на човекот и граѓанинот и Уставот на РС Македонија. Издвојувањето на етничката припадност како единствен услов за добивање субвенции за вработување во приватниот сектор не може да се смета за афирмативна акција во услови кога нема никакви објективни показатели за вработеноста на припадниците на различни етнички заедници во приватниот сектор, без постоење на показатели за оправданоста на една ваква мерка.
- Изјавата на Артан Груби е спротивна на членот 55 од Уставот на РС Македонија според кој: се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Со ваква мерка сите претпријатија кои не можат од објективни причини (нема кадри со соодветно искуство, образование) да вработат кадри од помала етничка заедница се ставени во понеповолна положба или се присилени да вработуваат несоодветен (неквалификуван кадар).
- Со изјавата Артан Груби поттикнува нетрпеливост и раздор, врз основа на етничка припадност. Во услови на големи рестрикции во приватниот сектор настанати заради Ковид-19, отпуштања од работа, затворање помали претпријатија и намален приход, една ваква дискриминирачка мерка сигурно ќе биде извор на конфликти врз етничка основа.
- Со една ваква мерка всушност ќе се легализира клиентелизмот во РС Македонија и ќе се озакони партизацијата на државата. На овој начин било кој вид на вработување (не само во јавниот туку и во приватниот сектор) е во рацете на партиите кои се на власт, кои на ваков начин може да ги уценуваат и работодавачите и работниците, и, со средствата собрани од граѓаните да ги плаќаат идните гласачи и поддржувачи, односно да го обезбедуваат вештачкиот социјален мир.
- Со ваква мерка се брише било која шанса за развој на државата како граѓанска, граѓаните се присилуваат да се идентификуваат по етничка линија, се инсистира на постоење на колективитетите како гаранција за егзистенцијата и се оневозможува индивидуалното остварување и практикување на правата и слободите.
Според мене, оваа изјава не треба да биде само осудена од страна на актуелната власт, туку да биде и предмет на расправа на посебна анкетна комисија (член 76 од Уставот на РС Македонија: “Собранието може да основа анкетни комисии за сите области и за секое прашање од јавен интерес. Предлог за основање анкетна комисија можат да поднесат најмалку 20 пратеници“), која ќе се формира со цел истрага на случајот и утврдување одговорност на Артан Груби.
Пратеници, топката е во ваши раце.