ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Патувачката треска е еден вид на дијагноза за луѓето кои често го менуваат местото на престој ама тоа може да биде и опис на несопирлива потреба за менување на местото што е заведено како живеалиште за некоја персона или група луѓе со заедничкa опседнатост.
Првата невоља секако ја знаат многу луѓе кои обично не се радуваат кога треба да заминат било каде, знаејќи дека во тие моменти нивното тело, мозокот пред се’, добива сигнали што се противречни и што влијаат на општата здравствена состојба со низа на органи или сетила. Најчест лек кој се зема кај обичните луѓе е лекот драмин или травелин, лек што не се користи на своја рака и се дава на оние кои немаат баш одлучувачка позиција во патувањето, како што се возачи, не дај боже пилоти или команданти на брод. Тоа секако нема врска, да речеме, со долги или поврзани патувања со авион, а вас и претходно ве загрижуваат, на пример, колениците како резултат на неудобноста при превозот.
Втората група на луѓе или поединци се оние кои добиваат треска кога подолго од вообичаен период за него или за нив остануваат во едно место, макар да е тоа адреса впишана во личните исправи. Тоа е потреба што не е тешко да се дефинира, која произлегува од намерата да се побегне од проблемите со кои се соочуваат на таа географска точка, па со патувањето се јавува чувство дека истите треба да ги решава некој друг, со или без желба или ингеренции. Таквите персони штом ќе си дојдат дома од некаков претходно завршен пат, започнуваат бргу да се нервираат, се обидуваат да импровизираат некаква борба со проблемите, без чувство дека започнатото треба самите да си го дозавршат и самите врз себе да го понесат целиот товар.
Патувања кои се наводно болни, а сепак се повторуваат
Нашиот премиер на Владата, Мицкоски може да биде дел и на едната и другата група. По фактот дека за осум месеци владеење многу го користи пасошот, може да го позиционира во ситуација кога е да речеме паталец во една здравствена смисла, за што и самиот се жалеше во една прилика, објаснувајќи ја потребата да инсистира на користење на супер луксузни превозни средства и класи.
Нема сомнение дека идејата Владата да си купи сопствен авион во услови на недостиг на пари во многу области, да не набројуваме, практично во сите, произлезе од намерата да се намали колку што може физичката непријатност, можеби дури и болка од тој број на патувања, што, пак е противречно со самата идеја на неотстапувањето од потребата често да се менуваат аеродромите! (https://24.mk/details/vladata-kje-kupuva-nov-avion)
Таа идеја се јави на стартот на годинава, ама после усвојувањето на буџетот (!) што значи дека како една сериозна ставка не била планирана претходно. Или не се сакало да се обремени дискусијата по Предлог-буџетот со таа идеја, бидејќи, би се јавиле многу гласови и во Парламентот во стилот „зошто пари за авион, а не за оваа или друга потреба!“. Па се мислело буџетот да помине, а за реакциите по однос на купородажбата на леталото ќе мислиме отпосле!
Во интервју за „360 степени“ за потребата од купување на владин авион говореше директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски. Постојниот авион стар 20 години имал проблеми од таков вид што летот со него бил опасен.
Во Владата се размислувало дека со набавка на нов или половен авион но не постар од три години би се потрошиле од буџетот 30 до 40 милиони евра, а поправка на стариот би чинела 15 милиони евра. Томовски мислел дека лесно би се постигнал консензус со опозицијата (владејачката коалиција е значи „купена“ по тоа прашање).
Но, како и самата Влада да отстапи од таа идеја и се отиде на решението – колку и да чини превозот со постојни авиони на авио компании нека чини, тоа не оди на гласање и никој нема да прави математика.
Заминувања во тајфа
Најнапред премиерот има навика или потреба да заминува групно, како тајфа, каде и да оди а тоа во мал авион на Владата, со максимум десеттина седишта е недоволно. Вака, како што пресметаа некои по повод последното патување во Будимпешта, овој пат не чинел наводно 23.600. 000 денари за 60 лица (!) според објавен документ од седница на Влада (https://www.facebook.com/watch/live/?ref=watch_permalink&v=1540113636661319&rdid=14iWhfMhCjQZqErO, после 1:45. минути) за двочасовен лет преку наем на редовен авион. Значи екипата била „туто комплето“ како што бива во такви патувања кон Будимпешта, што е еден вид на аџилак за оваа и претходната власт (додуша експремиерот Груевски не не чинеше ни евро, патуваше на сметка на унгарските служби за безбедност, додуша во гепек). Има ли примедби? Е тука ве чека одговорот на споменатиот Томовски – а кога рековме да си купиме наш авион?
Како и да се земе, оваа одговорна влада секогаш има добра причина за се’ што презема, особено кога треба да патува, онака групно, како да е тоа матурална екскурзија.
Најнапред секако паѓа во очи потребата Мицкоски да носи со себе толкав број на сопатници. Посебно лош пример беше едно од првите патувања на новиот премиер и тоа во Хрватска, на крајот на август 2024 година. Неговиот формален домаќин Пленковиќ го прими, се исвиреа химните и прочитаа куси протоколарни говори за пријателството, па посетата доби официјален почеток, но при сликата од средбата од самите влади Пленковиќ го немаше, а наспроти нашата дузина на претставници на македонската Влада седеа само неколку министри од темите за кои требаше да се разговара! Премиерот на Хрватска имал веројатно поважна работа, а слободни биле само оние министри за чии теми на разговор биле потребни?!
Во извештаите на провладините медиуми стоеше дека тоа бил „разговор со државниот врв“ без детали а во ефективата која реално постоеше спомената е само министерката за образование која потпиша некој документ кој веќе е решен на поширок план (околу признавање на дипломите меѓу двете земји) и министерот за здравство кој потпишал заднички документи со својот колега од Загреб Вили Берош (кој набргу потоа падна од власта и замина во затвор заради корупција).
Кое е тука реалното оправдување освен она што е сосема очигледно а тоа е потребата на Мицкоски да покаже дека е посакуван гостин насекаде и дека во својата земја има посебен статус штом се опкружува со „дворјани“, па тоа треба да го покаже и надвор. (https://www.slobodnaevropa.mk/a/33097790.html).
По внимание во САД од три обиди
Премиерот во првите месеци од своето владеење успеа дури три пати да замине во САД, како што рече – да си обезбеди простор за земјава, небаре се работи за некаков паркинг плац. И на дилетанти во политиката им е јасно дека во Вашингтон ако сте им вредни ќе ви најдат веднаш термин за прием и во Овалниот кабинет. Ама ако доаѓате од земја која за нив во мигот не е релевантна, пристапот ви е како кај туристите – до металната ограда на Белата куќа. Впрочем, истиот тој Трамп во претходниот мандат го прими поранешниот македонски премиер Заев и рече дека е дел од еден историски договор (Преспанскиот) и објасни јавно дека е тоа храбар, мудар потег. И се сликаше со својата сопруга заедно со гостинот Заев и неговата нежна половина.
Мисли ли актуелниот шеф на Владата да добие слична позиција? Се работи ли за стар, потиснат комплекс за Мицковски кој работи подолго време од антизападни позиции што макар и во актуелни состојби не се заборава. Зарем претседателот на партија чии „десетари“ носеа пензионери (!) пред американската амбасада да протестираат за височината на својата пензија гледаше во САД стратешки партнер кога се готвеше таков чин? Па во тие предизбори магли (7 ноември 2023 година – https://sdk.mk/index.php/makedonija/penzioneri-protestiraa-pred-amerikanskata-ambasada-baraat-linearno-pokachuvane-na-penziite-za-5-000-denari/) тоа можеше да е профитабилно за опозицијата само ако се сметало на некаква подршка од обратен смер, да речеме заради гласачи со некои проруски симпатии? Беа ли тие навистина толку масовни чувства во народот што носеа гласови за ВМРО ДПМНЕ или пак во сето тоа имало и некакви ашикувања кон Истокот? Гледано од сегашен агол пред се го имало она второто, бидејќи кој тогаш би одел до таму да помисли дека некој кројач (но не од Панама на Џон Ле Каре) кој седи во некој штаб близу Црвениот плоштад одмерува на кого и колку во земјава може да се потпре? Инаку зарем има било каква рационалност да се бараат повисоки пензии на Калето?
Патување со усул на некаква „баба Ванѓа“
Како од една антизападна реоторика која во центарот на внимаието го има Вашингтон се премина на реториката за стратешкото партнерство со владата на Трамп, ако просто не се работи за една навистина друга Америка?
Па ние ги познаваме организаторите на тој шарлатански потег, „десетарите“ се од нашите маала, иако ги имаше, сосема сигурно и од Десна, да речеме (а треба да се знае во чие оро играше оваа партија која ја држеше во свои раце сега обвинетиот Палевски). Треба ли да биде некакво добредојде фактот што Мицковски одбива да направи макар и еден симбиличен потег како еден вид на синхронизација со претходната владеачка гарнитура во САД, како што е вметнување во бугарското малцинство во Уставот што ќе ни донесеше продолжување на пристапните преговори со ЕУ и секако уште други добродетели за земјава.
Мицковски смета дека Трамп темелно го менува односот кон ЕУ и Русија па сега ќе се вметнуваме како „првоборци“ во тој новосоздаден политичко-стратешки процеп што е сепак со навистина помала веројатност за видливост отколку претпоставката дека ќе се случи утре да не удри комета! Жива ли уште баба Ванѓа?
Впрочем, да се запрашаме која би била другата дипломатска алтернатива за идејата на Мицкоски навистина за толку краток период дури три пати отпатува во САД, а за тоа се запраша неодамна и една наша искусна колешка во областа на меѓународните односи Слободанка Јовановска (https://nezavisen.mk/ima-li-mickoski-ideja-zoshto-non-stop-e-vo-sad/). Најпрво, најмалку објаснива е псоетата пред самите избори во САД, кога, се чини новиот премиер мислеше дека е во кладилница и може да погоди кој од кандидатите ќе победи, иако исходот не се знаеше до последен ден?
Тој термин пред изборите е секако најмалку погоден термин за посета на било кој политичар од Стариот континент, па и пошироко, што се виде по нулата во крајната резултанта на нашето определување за републиканците! Потоа дојдоа уште две посети што се случија безмалку кога американската администрација не беше комплетирана (им,ено, втората беше во доба на инаугурацијата) па останува прашањето за тоа што толкав број политичари од власта заминаа преку Океанот, предизвикаа сериозни трошоци за да кажат дека го почувствувале квалитетот на воздухот во Вашингтон. Да не говориме дека се отиде во три одделни делегации – едната со македонски политичари, втората тие беа од партијата Влен а во трета, во соло издание, сам патуваше коалициониот партнер на Влен – Таравари. Кај опсерваторите сликите од оваа втора посета предзвикаа еден вид на грч во стомакот (видете кај писателот Филип Рот) заради постојаните обиди да се најде некаков рационален резон за целата таа владина кавалкада преку Океанот.
Непродуктивност во континуитет и со конфузни намери
И при третата непродуктивна посета (да се живи само оние од дијаспората) сликите беа слични, само што народот кај нас веќе имаше навика за тие заминувања надвор да гледа чисто бегство од домашните проблеми и просто се бега од нив. Што подалеку, толку подобро: американските весници и телевизии не се интересираат за неволјите на македонските граѓани. После месеци навистина масовни протести во Србија, на оример, што ние ги знаеме доста добро, во САД излегоа само по некоја вест или коментар за овие ситуации кај северниот ни сосед!
„Како тргнал Мицкоски, на пат е да му се повтори судбината на екс-премиерот Владо Бучкоски кој од авион раководеше со државата, за да ги изгуби веднаш потоа катастрофално на изборите, бидејќи, ги помеша агендите – дали треба да бара решенија кај нас или да чека некој друг од надвор да му ја заврши работата“? – прашува во споменатиот текст Јовановска.
Во сите тие патувачки посети Мицковски покажува конфузност, бидејќи остана без било какво објаснување на мотивите за посетите. На последната седница за пратенички прашања во Собранието на РСМ тој одбегна расправа за ефектот од неговите турнеи, пред се оние во САД, за кои имаше најголем интерес, со тоа што ја жртвуваше министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска за таа да направи скандал со навредувањето на поранешната министерка за одбрана, настан добро познат на читателите. А на навредувачката таквите не и пречат. Веројатно ужива во тоа што му служи на својот претпоставен уште додека беше сметководителка во ЕЛЕМ.
Има секако во тие патувања на премиерот и некои реперкусии за кои не можеме да останеме без кнедла во грлото. Тоа не доаѓа од фактот што Македонија не добива ништо од летовите во странство на Мицковски, туку направи вистинска конфузија на полето на стратешките определби на земјата. Факт е дека некои работи на тој интернационален план се менуваат толку бргу што е потребна сериозна внимателност и јасна насока како да продолжиме да одиме по нашиот пат, одреден со членството во НАТО и волјата да биде дел од Унијата. Со гласањето во ОН по повод двете резолуции премиерот не доведе во ситуација која може да се спореди со лулањето на оној рибарски импровизиран мост на Вардар кај вливот на Пчиња, кој е вистинска опасност за оној кој го користи, па место трофејна риба може да фати воспаление на белите дробови по падот во ладните води.
Двомислени чувства кон Украина
Ние се покажавме неверни кон Украина а потајно знаевме дека проруската стратегија на врвот на партијата објективно е врзан за интересите на Кремљ! Вистина е дека Мицковски неодамна го носеше украинското знаме низ центарот на Скопје, ама веста не беше објавена (уште помалку сликата) во ниту едне менјстрим медиум и тоа јавноста едноставно не го знае. Затоа пак сега сите знаат дека тој не ја поддржа украинската резолуција со која се осудува Русија како агресор, иако тоа стои во официјалните позиции на земјава. Или можеби е неопходно да констатираме – стоеше?!
Додворувањето на нашиот стратешки партнер САД со подршка на Трамповото неверство е без ефект за Белата куќа, но зато остави горчлив вкус кај европските партнери и тие преку амбасадорите на своите земји тоа јасно го кажаа пред една недела. Впрочем, со исклучок на САД сите други НАТО членки имаат поинаков однос кон руско -украинската војна! И згора јасно е дека Трамп им го честита на нашите источни соседи националниот празник (денот кога е потпишан Санстефанскиот договор, да потсетиме) бидејќи, да не заборавиме, тие купиле млазни авиони од Америка а ние никогаш нема да бидеме интересни од било каков комерцијален аспект, што е на пиедесталот на Овалниот кабинет! Ова треба да се спомене заради наводната идеја да се моли Вашингтон да ургира во Софија да не го спречува нашиот влез во ЕУ. Јасно е што Трамп мисли за ЕУ, а како ја гледа Бугарија? Само како бизнис партнер.
Нашиот стратешки партнер САД беше тоа и во времето на Буш јуниорот, секако и во време на Трамп во првиот мандат, а конечно и во времето на Бајден. Но, нели, има разлика, а тоа колкава е ќе видиме после воведувањето на царинските давачки за многу производи – просто е страшно да се набројат во овој миг кој се’ би можел да доживее непријатности во економијата кај нас.
Турски поглед: стратешко партнерство ако сте дел од нашата стратегија
Нашата додворничка позиција во овие последниот месеци ја забележа и турскиот претседател Ердоган, кој не натера да се потпишеме за поддршка на идејата за две држави во Израел – еврејска и палестинска. Тоа од морален и историски агол е исправна солуција, ама пак сега може да наиде на подигнување на веѓите кај Трамп во манирот на Сашо Мијалков, што значи една подбивност кон оној кој е и онака потценет како стратешки партнер?!
Односите со Унгарија се секако посебно прашање – одамна, уште од Грујово време, ние сме во менгемето на Орбан. Ама овие денови таа позиција со губитнички скор веќе се потврди со воспоставувањето на видлива стратешка дијагонала на правецот Будимпешта – Белград – Скопје … Местото во кое некој би ја сместил и Анкара засега има свои сенки од различен вид, иако некој ја доведуваат во врска со патувањето на Мицкоски во врзана посета во двата смера. Навистина, имаме договор за Стратешко партнерство со Ердоган како и со Орбан, ама позицијата на Туркије е доста специфична како и во однос на третиот страшки партнер за кого говориме (САД), така и во однос на руско-украинската војна. Останува енигма и односот кон ЕУ кој ни е близок со Туркије по долгото престојување на двете земји пред вратите на Унијата.
Но, токму во ЕУ, гледаме и сега, имале причина што биле недоверливи кон политиките на малата Македонија. Не сакале да добијат уште една грешка во стратегијата на проширувањето од типот „зарем уште една Бугарија“, како резултат на нерасчистените чувства на Софија кон рускиот империјализам. Сега веќе таа скепса оди понатаму – „зарем уште една Унгарија“ во целата таа антиевропска асамблеја? Со втората посета на Унгарија за половина година Мицкоски дефинитивно се определи да не води кон една нецелосна визија, еден пејсаж од воведот на Карпентеровиот филм „Магла“, а не одвои од она што беше наш стратешки интерес, односно ги охрабри оние кои беа скептични кон нашите политики. Еднаш тоа беше во времето на Груевски, стартуваше уште во 2006 година, но промената за среќа дојде со ротацијата на врвот на земјава во 2017 година. А сега со Мицковски (и претседателката Гордана Силјановска Давкова со своите потписи) одново се враќаме со години наназад.
Имаме секако уште една потврда за ефектите од групните патувања на Мицкоски а тоа се одредени унапредувања во АРМ, меѓу кои и онаа на генерал Орце Ордев, познат по своите врски со Ноќните волци. Не добивме можеби затоа и покана за последната средба на НАТО! Или… и заради тоа?
Уште да кажеме дека оваа наворешно-политичка турбуленција се случува при масовна смена на – по моја проценка – 18 дипломати на највисоки амбасадорски позиции. Токму тогаш кога таквите потези се најризични. Ама и тие ја дополнуваат сликата за големиот вител во кој не втурнува новата власт.