Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, денеска на седницата во Собранието, за избор на Владата истакна дека неопходни се уставни промени со цел да се јакне одговорноста на извршната власт, посебно на претседателот на Владата и министрите и да се зајакне самостојноста на институциите, надлежни за откривање и спречување на тешките облици на криминал.
Според Трајанов, треба да се преиспита и примената на правилото на Бадентер, кое во некои сегменти се јавува како кочница за функционирање на правната држава.
„Во уставот точно е наведено кога е потребно двојно мнозинство и треба до тоа да се држиме, а не креативно да ги толкуваме уставните одредби. Рационализација на јавната администрација, намалување на бројот на пратениците од 120 на 90, намалување за 30% на министерствата и укинување на бројните паралелни агенции, дирекции, регулаторни тела и сл,“, истакна Трајанов.
Трајанов додаде дека поставувањето на директори на јавни претпријатија, државни секретари и сл, да се одвива преку конкурси, а приемот на работа во администрација треба да се одвива врз основа на цврсти критериуми.
„Предлагаме кривична одговорност за тие што ќе ја злоупотребат власта за влијание при вработување“, додаде Трајанов.
Трајанов истакна и дека Македонија треба да биде една изборна единица, со отворени листи и без изборен праг.
„Се подразбира дека треба да остане пропорционалниот модел. Со овие промени, составот на Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните и ќе се демонтира “еднопартискиот систем” на владеење. Треба да се направат промени во Изборниот законик за да сите учесници во изборниот процес имаат исти стартни основи и шанси. Очекувам промените на изборните правила да се завршат во првите три месеци од формирањето на новата Влада“, истакна Трајанов.
Новото парламентарно мнозинство денеска во Собранието на Република Северна Македонија ја продолжи собраниската дебата за формирање нова Влада, чии приоритети вчера на првиот ден од седницата ги образложи нејзиниот мандатар Зоран Заев. Пратениците до полноќ треба да се изјаснат за новиот владин состав.
А. П.