Актуелниот градоначалник на општина Велес, Славчо Чадиев, повторно е кандидат за градоначалник на ВМРО–ДПМНЕ на овие локални избори.
Во предизборните ветувања, граѓанките и граѓаните од Велес очекуваат Чадиев да ги исполни она што го ветил уште во 2013 година.
Тогаш, а и пред една година, Чадиев не го исполнил ветувањето за покриен градски пазар до средината на 2017, лоциран во близина на автобуската станица во Велес.
На 28 октомври 2016 година за ЦИВИЛ Медиа Чадиев изјави дека оваа ветување од изборната програма ќе се исполни, демантирајќи ги граѓанките и граѓаните на Велес дека не исполнил тоа што ветил уште во 2013 година на локалните избори, кога победи на локалните избори.
Граѓанскиот новинар Дејан Ристов, направи прилог за состојбата на зелениот пазар и условите во кои работат пазарџиите. При тогашната посета на зелениот пазар во Велес и во разговор со пазарџиите, тој потврди дека состојбата не само што не е променета од 2013-та година наваму, туку е уште полоша.
„Наместо покриен зелен пазар, останаа празните ветувања на Чадиев, како потсетник за неоствареното“, беше заклучокот на Ристов.
Бидејќи веќе сме во втората половина на 2017, во ек на изборната кампања, а актуелниот градоначалник ќе се обиде да остане на таа позиција по локалните избори, граѓанскиот новинар од лице место на пазарен ден во Велес, преку фотографии ја илустрираше моменталната состојба на пазарот.
Заклучокот останува ист.
Биљана Јордановска