Претседателот Стево Пендаровски денеска во Скопје се обрати на шестата пленарна конференција на Националната конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европска иднина“.
Во своето обраќање Пендаровски истакна дека суштината или резонот на интеграциите е да се издигне владеењето на правото како врвна вредност во општеството и државата, посочувајќи дека борбата против корупцијата, не само во нашиот случај, најефикасно се води кога државата е фокусирана на европските интеграции. Според Пендаровски, ниту геополитичкиот контекст, ниту економската или енергетска криза, ниту блокадите на интеграциите не смеат да нè дефокусираат од оваа цел.
„Ефектите од корупцијата се засилуваат преку правните дупки и нејаснотии, што лесно се злоупотребуваат за да се корумпира и за да се избегне одговорноста. Загрижувачки е кога примената на правото, зависи од „вештината“ на толкување на оние кои треба да го имплементираат, па, често законската терминологија добива различно, некогаш и спротивно значење од изворното. На крајот од денот, одговараат оние кои се огрешиле пред законот, но, кои немаат со што да „тргуваат“ за да ја откупат својата слобода
Суштината или резонот на интеграциите е да се издигне владеењето на правото како врвна вредност во општеството и државата. Борбата против корупцијата, не само во нашиот случај, најефикасно се води кога државата е фокусирана на европските интеграции. Затоа ниту геополитичкиот контекст, ниту економската или енергетска криза, ниту блокадите на интеграциите не смеат да нè дефокусираат од оваа цел“, вели Пендаровски во совето обраќање.
Пендаровски апелираше до власта и опозицијата конструктивно да се вклучат во процесот, посочувајќи дека како натпартиски потфат, европските реформи можат да ни помогнат да ги вратиме општото добро и јавниот интерес во јадрото на политичкиот дискурс и практика.