„Завчера имаше интервју на човек од германската ЦДУ, сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ кој дошол овде да им помогне и им вели овој е патот. Јас сакам да им кажам: Оставете ја кампањата, јасно ми е зошто го правите ова, бидејќи на тоа прашање добивате политички поени, на друго не добивате. Но, сега, дајте соочете се со овој нов политички реализам. Срамота е ако Украина, Молдавија и Грузија и Босна и Херцеговина стануваат кандидатки ние тамам кога направивме некој напредок, сега да се враќаме назад заради вашиот став дека само како Бугари ќе влеземе во ЕУ, што е апсолутна небулоза“, рече кандидатот за претседател Стево Пендаровски во интервју за емисијата Топ Тема на ТВ Телма.
Пендаровски наведува дека ВМРО-ДПМНЕ има и друга теза која вели „дајте ќе го промениме Уставот денес ама, промените ќе важат кога ќе станеме членки“ и прашува „дали тоа може да се направи и кој од европските фактори ви ветува дека такво нешто е можно“.
Тој потенцира дека членството во ЕУ би требало да биде натпартиско прашање, бидејќи станува збор за стратешка цел на државата, исто како што е и НАТО.
Н. А.