Претседателот Стево Пендаровски, денеска во рамки на официјалната посета на Република Полска, заедно со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда одржаа прес-конференција, на која претходеше тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на македонската и полската делегација.
„Со претседателот Дуда имавме искрен и содржаен разговор, на кој се осврнавме на повеќе теми, дел од нив и тој самиот ги спомена.
Зборувавме за македонските евроинтеграции и отпочнувањето на нашите преговори за членство во Европската Унија. Полска отсекогаш била наш принципиелен и гласен поддржувач и во таа насока посебно ја поздравувам подготвеноста на нашите домаќини да ги користиме нивните искуства и експертиза за време на процесот на преговори. Верувам дека во следниов период, полската поддршка ќе биде засилена и тоа не само билатерално, туку и преку Вишеградската група, како и преку другите регионални форуми во кои членува. Поддршката во рамките на Европската Унија, слушнавте и од неговите зборови, се подразбира.
Можете да претпоставите, централна тема на нашиот состанок беше војната во Украина и последиците од неа. Разговаравме за прашања што директно ја засегаат европската безбедносна архитектура, која е несомнено под сериозен притисок од страна на илегалната и апсолутно неприфатлива руска воена агресија.
Во оваа прилика, од овде, од Варшава сакам уште еднаш да ја потврдам нашата позиција дека Република Северна Македонија останува конструктивен партнер на западната алијанса во одговорот на руската агресија преку целосно спроведување на рестриктивните мерки на ЕУ, како и во поддршката на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународно признаени граници. Во таа насока, нема дилема дека ќе продолжиме да обезбедуваме воена и хуманитарна помош за украинскиот народ кој ја брани својата земја.
Во овој контекст, со претседателот Дуда ги потврдивме нашите заеднички заложби како кредибилни партнери во НАТО Алијансата и ја поздравивме соработката меѓу нашите држави како дел од ОБСЕ тројката. Високо го цениме полското претседавање со ОБСЕ оваа година, и ве уверувам дека ќе продолжиме уште поинтензивно да даваме свој придонес во намалување на последиците од војната преку македонското претседавање со оваа организација во наредната, 2023 година.
Неизбежна тема во нашите разговори беше и економската и енергетска криза. Иако е неспорен фактот дека меѓу нашите држави се зголемува економската соработка, заеднички констатиравме дека во наредниот период треба потесно да соработуваме на овој план. Подетално за економските предизвици ќе дискутираме подоцна во текот на денов на тркалезната маса со претставници на полските бизнис комори и претставници на македонската бизнис заедница#, изјави Пендаровски на прес-конференцијата.