На 2 август 1903-та, борбата за слобода ја започна револуционерната илинденска генерација која во епохата на монархии прогласи демократска република, а во времето на тесногради национализми реши да гради соживот меѓу различните, истакнува претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски во видео обраќањето по повод 2 Авуст – Денот на републиката.
Според претседателот Пендаровски, слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ. Таа започнува како идеја на една генерација која сака да биде своја на своето и самата да одлучува за својата иднина, посочи тој, додавајќи дека борбата за слобода ја продолжила славната антифашистичка генерација која ги надминала пропагандите и поделбите и се сплотила околу идејата за слободен народ во своја, слободна држава.
„Како што сведочи и Манифестот, на 2 август 1944-та, делегатите на АСНОМ го остварија сонот за слободна македонска држава во која сите нејзини граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, независно од нивните разлики и уверувања“, потенцираше Пендаровски.
Но, според него, еднаш добиена, слободата, мора да се одржува преку посветена работа на секоја нова генерација. Тој потсети дека годинава прославуваме 30 години од независноста, во кои имавме и подеми и падови, успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби.
„Во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали. Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани. Слободата се раѓа како идеа, се стекнува со борба, а се одржува преку напорите на секоја генерација, на секој еден од нас. За многу години Илинден! Да ни е вечна и вековита републиката – Северна Македонија!“, порача претседателот Пендаровски во празничната честитка.