Новата методологија на францускиот претседател Емануел Макрон со која треба да се реформира ЕУ и да се утврди новиот пристап за членство во унијата, ги успорува пристапните преговори на Балканските земји, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за српскиот весник „Политика“.
Осврнувајќи се средбата со Макрон за време на Парискиот мировен форум, Пендаровски ги пренесува пораките на официјална Франција дека сака да ја види Северна Македонија како дел од европското семејство.
– Но, воедно, претседателот Макрон ми го образложи нивниот став за реформите и методологијата на преговорите, дека нема намери да понуди алтернатива на нашето членство во ЕУ, туку да го подобри процесот. Изрази подготвеност да ја посети Северна Македонија во првата половина на 2020-та година. На нас ни останува да работиме на реформите, да ја дочекаме новата методологија за водење на пристапните преговори и се надевам дека наскоро ќе добиеме позитивни вести за нашите европски интеграции – вели Пендаровски.
Претседателот Пендаровски говори и за регионалната иницијатива за „Мал Шенген“, за која вели дека не треба да се гледа како замена за членство во европските институции. Тој смета дека треба да се размисли за форматот на иницијатива, бидејќи сегашната структура не ги опфаќа сите земји кои се дел од западниот Балкан. Тој момент, според него, може да го отвори прашањето колку оваа иницијатива може да биде функционална во пракса, ако во нејзе членуваат само 3 земји.
П. К.