Бугарскиот премиер Кирил Петков изрази поддршка за европската перспектива на Македонија, но повтори дека претходно треба да се решат одредени работи, како што е почитувањето на правата на Бугарите, „со гаранции во рамките на Уставот“.
Прво да се смени македонскиот Устав и да се внесат Бугарите, а потоа Бугарија ќе го крене ветото за преговарачката рамка во Брисел и Македонија ќе може да ги почне преговорите за членство, повторно порача бугарскиот премиерКирил Петков во најновото интервју за грчкиот весник „Катимерини“. Според македонскиот премиер Димитар Ковачевски, пак, соработката со Бугарија е унапредена, воспоставен е нов начин на комуникација, но сè уште нема документ што е прифатлив за двете страни.
Утре и задутре во Скопје ќе продолжат разговорите на политичко ниво, кога Османи ќе ѝ биде домаќин на бугарската колешка Теодора Генчовска, а не е исклучена скорешна средба на највисоко ниво, меѓу двајцата премиери. Последните разговори на високо политичко ниво се случија пред еден месец на Минхенската безбедносна конференција, каде што Османи предложи да се изготви сеопфатен документ, протокол, со кој Скопје и Софија засекогаш ќе ги затворат сите отворени прашања, а во претходниот период разговорите се водеа околу бугарските барања од т.н. пакет „четири плус еден“.
Премиерот Ковачевски вели дека штом ќе има документ што е прифатлив за двете страни, ќе биде споделен со институциите и со јавноста. Според него, руската агресија врз Украина покажа дека Европа треба да биде обединета и силна, а тоа мора најпрво да се направи меѓу соседните земји.
Бугарскиот премиер Петков и во најновото интервју ја изрази поддршката за европската перспектива на Македонија, но повтори и дека таа не е безусловна.
– Ние сме за европската перспектива на Северна Македонија, како и на Албанија. Но, постојат одредени работи што треба прво да се решат, како што е почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, со гаранции во рамките на Уставот. Имаме план и многу добра комуникација со Владата на Северна Македонија и се надеваме дека брзо ќе одиме напред – рече бугарскиот премиер.
Министерот Османи вчера во Брисел на состанокот со министрите за надворешни работи на ЕУ порача дека почеток на преговорите за време на француското претседателство би била правилна и правична работа, односно дека ни е потребен брз и одлучен исчекор на нашиот евроинтегративен пат. На работниот појадок се разгледувало европското досие на Македонија, а на средбата присуствуваа високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ.
– Случувањата од последните недели го сменија контекстот на нашите разговори, но и на геополитичките и стратешките приоритети на европскиот континент. Нашиот дијалог добива пресвртница во однос на итноста од носење на одлуки што ќе ја детерминираат европската иднина на Северна Македонија во ЕУ, но и на целиот Западен Балкан – изјави Османи.
извор: Слободен Печат