Руските војници во четвртокот, на 21 јули, убиле пет цивили и раниле уште десет други во регионот на Доњецк, објави Павло Кириленко, шеф на регионалната воена управа на Доњецк на Телеграм, пренесува Укринформ.
„На 21 јули Русите убија пет цивили во регионот на Доњецк: тројца во Сиверск, еден во Павливка и еден во Маринка. Уште десет лица се повредени“, се вели во извештајот.
Вкупно, од 24 февруари, околу 637 цивили се убиени, а 1.641 се повредени во регионот. Во моментов, невозможно е да се утврди точниот број на жртви во Мариупол и Волноваха.
Од почетокот на војната на 24 февруари, руските трупи гранатираат и уништуваат критична инфраструктура и станбени области на украинските градови и села користејќи артилерија, повеќе ракетни фрлачи и балистички ракети.
Подготви: Д.Мишев