Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, вечерва обвини дека ВМРО-ДПМНЕ манипулира со граѓаните и го загрозува нивното здравје со собирањето потписи, додека од друга страна, истата партија бара одложување на пописот со пандемијата како изговор.
„Чесно е ВМРО ДПМНЕ да им признае на граѓаните дека со потписи нема да се поништи Законот за попис, потписите не го ставаат надвор од сила Законот, туку треба нов закон, а тоа можат да го направат и како пратеничка група, да поднесат предлог закон“, изјави Петровска за МТВ1.
Таа оцени дека со повикот за собирање потписи, ВМРО-ДПМНЕ потенцијално го загрозува здравјето на граѓаните, повикувајќи ги да одат во канцелариите и да се потпишат, а од друга страна изразува резерви за безбедноста на здравствениот аспект на пописот.
Петровска одговори и за обвинувањата на опозицијата дека станува збор за политичка операција потсетувајќи ги на политичката комисија која беше формирана во 2011 година која доведе до пропаѓање на пописот во таа година.
„Ако споредуваме со пописот во 2011 година, тогаш политизацијата беше видлива со пописната политичка комисија, сега, според Законот за попис, оваа статистичка операција ќе ја извршат институции во државата, пред се, Државниот завод за статистика”, рече Петровска.
А. З.