ДЕХРАН МУРАТОВ
Лидерот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев, ја избриша спонзорираната содржина од својот Фејсбук налог, со која ширеше верска и етничка нетрпеливост, со тоа што ја побара довербата од охриѓан(к)и за, ако случајно победи на локалните избори, да може да го сруши минарето на охридската Алипашина џамија.
ЦИВИЛ ја разобличи лажната вест на Бачев, кој тврдеше дека постои одлука за изградба на минаре високо 3,3 метри, бидејќи минаре со толкава висина никаде во свет не постои. По ова, Бачев експресно го избриша постот од Фејсбук.
„Патриотот“ Бачев очигледно знае само да хушка и да се обидува да создава меѓуетнички и меѓурелигиски тензии, за потоа да се повлече, без никакви траги.
Но, некои траги не може да ги сокрие, особено не оние на ширење дезинформации и поттикнување меѓурелигиска нетрпеливост. Ова е постот кој ЦИВИЛ го зачува, за секој случај, ако „патриотот“ Бачев стане „пишман аџија“ па да го избрише, како што и го избриша.
Со ваква пиши-бриши „патриотска“ (читај националистичка) реторика, тој ја губи доверба дури и кај неговите најтврдокорни поддржувачи.
Каква програма сега ќе смисли, кога изборното „ветување“ дека ќе го руши минарето му „падна во вода“?