По 15 месеци војна која започна со брутален напад врз Израел од страна на Хамас и заврши со срамнување на поголемиот дел од Појасот Газа од Израел, во неделата стапи на сила прекинот на огнот со кој три жени заложници беа ослободени од Газа и 90 Палестинци ослободени од израелските затвори.
Два напнати часа во неделата наутро, прекинот на огнот изгледаше како да може да попушти од самиот почеток. Хамас не ги соопшти имињата на тројцата заложници што планираше да ги ослободи, што го натера Израел да го одложи прекинот на огнот и да продолжи со воздушните напади врз Газа.
Во она што требаше да биде првите часови на мирот, од 08:30 часот по локално време (06:30 по Гринич), најмалку 19 Палестинци загинаа во нападите, а уште 36 беа ранети, соопшти агенцијата за цивилна одбрана на Хамас. Израелските одбранбени сили (IDF) соопштија дека нападнале „голем број терористички цели“, пренесе Би-Би-Си.
Имињата на тројцата заложници на крајот беа испратени од Хамас во Израел, преку посредник, а израелската воена акција во Газа престана за прв пат по краткиот еднонеделен прекин на огнот и размена на заложници во ноември 2023 година.
Во 11:19 часот, Маџид ал-Ансари, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, кое помогна да се постигне договорот за прекин на огнот, напиша на X дека последните пречки се отстранети „и на тој начин прекинот на огнот започна“.
Шест часа подоцна, тројца израелски заложници – Роми Гонен (24), Дорон Штајнбречер (31) и Емили Дамари (28), која е двојна британска државјанка – беа предадени од Хамас на Црвениот крст во Газа, а потоа и на израелската војска. Од телевизиското покривање се забележуваа хаотични сцени на плоштадот Сараја во градот Газа.
Ослободувањето на заложниците беше прво од неколкуте што треба да се случат во текот на следните шест недели – доколку се одржи прекинот на огнот – додека не бидат вратени вкупно 33 заложници и околу 1.900 Палестинци не бидат ослободени во замена. Деведесет и седум заложници се уште се во заробеништво, соопштија израелските власти, иако се претпоставува дека десетици од нив се мртви.
Во Газа, каде што Министерството за здравство соопшти дека повеќе од 46.900 луѓе се убиени за време на израелската офанзива, а поголемиот дел од предвоеното население на појасот од 2,3 милиони е раселено, многу цивили кои чекале долго време да се вратат во домовите, дознаа во текот на викендот дека нивното долго чекање ќе продолжи.
Д. Т.