Откако Собранието го изгласа Законот за државјанство, на интернет а особено на социјалните мрежи започна еден вид кампања, претежно со лажни вести и дезинформации, меѓутоа вешто филувани за да изгледаат како „досетки“. Но, таквите твитови/статуси и објави предизвикуваат говор на омраза кон албанската етничка заедница, но и против пратениците што го изгласаа законот, односно против владеачката коалиција СДСМ и ДУИ.
Интернет порталот ОффНет објави вест во рубриката „ИЗЈАВИ“ на извесен Твитер профил „Чоџукот“ кој иронично пишува дека ќе се добива државјанство со „три преспиени ноќи во Македонија од СФРЈ до сега“. Оваа објава на ниту еден начин не посочува дека се работи за иронија или сатира, со што добива какратер на дезинформација која може да ги доведе граѓаните во заблуда.
Истиот портал ја објави и веста за донесениот Закон за државјанство, со наслов „Државјанство ќе се добива на 16 начини“. Оваа вест предизвика низа на коментари, a дел од коментарите се со навреди и говор на омраза.
Ваквите теми се секогаш атрактивни пред избори, но се користат и за манипулирање со чувствата на граѓан(к)ите.
Собранието вчера го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство. За измените и дополнувањето вкупно гласаа 89 пратеници, од кои 57 „за“, 32 „против“ и ниту еден „воздржан“. Со измените на законот треба да се реши статусот на луѓето од поранешните југословенски републики, кои до денот на прогласување на независноста живееле во земјава. Тие ќе треба да добијат државјанство во рок од три години по стапувањето во сила на Законот.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ