Волци кои слободно шетаат во малешевските ниви барајќи храна и засолниште од пожарите – е само еден од примерите за влијанието на пожарите во Малешевскиот регион. Во пијанечкиот регион, од ловџии од Делчевско, пронајдени се и остатоци од изгорени срни.
Димче Беќарски, од село Умлена, кој ја забележа појавата, вели дека по пожарите, волците што се во потрага по храна слободно шетаат и се закана за сточарите и нивниот добиток.
“Волкот го забележав утрово додека собирав „јонџа”. Стоеше мирно, бараше правец кон кој може да се упати. Синоќа татко ми забележал уште два волка во близина на селото. По пожарите, веројатно бараат како да се скријат, но поради оголените дрвја сега немаат каде”, рече Беќарски.
Според него, претстои опасност за добитокот поради што сточарите треба да направат сѐ за да го заштитат.
“Тоа мора да го направат, бидејќи волците се подготвени сѐ да нападнат, а со тоа и да направат голема штета”, вели Беќарски.
За огромната штета која е нанесена на животинскиот свет, како што дополни, допрва ќе сведочат вакви и слични ситуации.