По Скопје, и Велес и Кавадарци осамнаа со црни потерници за пратениците од коалицијата „За живот во Македонија“, јавуваат граѓански новинари од овие два града.
Во Велес на мета на црната кампања се најде пратеникот Панче Иванов, а во Кавадарци пратеникот Бетиан Китев.
Кавадарчани се згрозени од ваквата постапка, поради, како што велат, трагичното минато на семејството Китеви.
„Ова е голема нечовечност, згрозени сме од постапката на некои самонаречени патриоти! Зарем истите тие, заборавија низ што помина докторот Китев и неговата сопруга Илинка, кога градот беше излепен со некролозите на нивните две ќерки? Зарем тие луѓе ова го заслужуваат, да гледаат некролози и од нивниот син? Каде е човечноста?’’, реагираат денес кавадарчани.
Претходно, вакви потерници се појавија на неколку локации низ Скопје, на кои стоеа фотографии од пратениците Павле Богоевски, Ивана Туфегџиќ и Стево Пендаровски.