Дневни настани
Средби
Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе се сретне со претседателот на Собранието, Талат Џафери, на средба на која се очекува тие да разменат мислења за непотпишаните закони што Пендаровски ги наследи од Ѓорѓе Иванов.
Пендаровски минатата седмица ја имаше првата средба со премиерот Зоран Заев.
Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, денеска ќе учествува на Виенскиот економски форум „Виенски економски разговори – нови перспективи за Република Северна Македонија“.
Делегацијата, во која учествуваат вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски, како и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, на формумот, покрај дискусија за можностите за инвестирање во Северна Македонија, ќе оствари и средби со претставници на реномирани австриски компании.
Во Виена, предвидена е средба на премиерот Заев со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан.
Барање
Откако неодамна Врховниот суд ги укина пресудите на Кривичниот и Апелациониот суд за случајот „Ликвидација“, а во кој беше осуден и новинарот Томислав Кежаровски, од Здружението на новинари (ЗНМ) денеска на прес-конференција побара од Основното јавно обвинителство да го повлече, а од Кривичниот суд да го отфрли обвинението против новинарот Кежаровски.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, соопшти дека утрово ја разгледале одлуката на Врховниот суд за предметот на Кежаровски и едногласно одлучиле дека Здружението до крај ќе инсистира на правичност на Судот и Обвинителството во постапувањето по овој случај се додека Кежаровски не биде ослободен од обвинението.
Со оглед на тоа дека Врховниот суд го врати предметот на повторно одлучување, ЗНМ го повикува и Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинението и со тоа да покаже дека во државата слободата на говорот е загарантирана како основно човеково право.
Парада на гордоста во Скопје
Парада на гордоста ќе се оддржи на 29 јуни во Скопје. Ова денеска го соопштија од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија кои се организатори на првата Парада на гордоста во Скопје.
Со оваа најава Ирена Цветковиќ ја отвори денешната прес конференција, истакнувајќи ја важната улога која медиумите ја имаат во заедничката борба за праведно општество во кое се почитуваат човековите права и слободи на сите граѓанки и граѓани, вклучително и ЛГБТИ заедницата.
Антонио Михајлов ја нагласи потребата од што е можно поголема поддршка и активно учество од сите чинители: политичари, јавни личности, активисти, уметници на Парадата на гордоста, солидаризирајќи се со ЛГБТИ луѓето. Парадата на гордоста креира простор кој еманципира и ослободува, и е отворен за сите, без разлика на нивната нација, вера, род, сексуална ориентација, родов идентитет.
ЦИВИЛ – активности
„Заедниците против насилниот екстремизам“
„Заеднички против насилството“ е насловот на креативната работилиница која ЦИВИЛ – Центар за слобода, утре, на 21 мај (вторник) ќе ја одржи во Општинскиот ученички дом „Лазар Лазаревски“ во Велес, со почеток од 12 часот.
Работилницата е дел од заедничките заложби на ЦИВИЛ, основните и средни училишта од Велес, локалната самоуправа и полицијата, за јакнење на јавната свест и граѓанска едукација на локално ниво против насилниот екстремизам.
Зелена Иднина
ЦИВИЛ – Центар за слобода утре во Велес, на Срмаале, со почеток во 15:30 часот пред граѓанките и граѓаните ќе ги претстави новите проектни активности, дел од проектот „Зелена иднина“ чија цел е да ја подобри јавната перцепција и знаењето за концептот на општество кое ги негува зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот.
На инфо – штандот се поканети и сите соработници и поддржувачи на ЦИВИЛ со кои ќе се споделат искуства и можни заеднички акции и иницијативи за промоција на зелените вредности, подоборување на социјалната права и во борбата против национализмот.
Тимот на ЦИВИЛ претходно ќе ги посети Лозово и Свети Никола каде со жителите ќе поразговара за можноста од поврзување на овие три елементи, што се предуслов за општество кое се стреми кон демократски вредности и напредок базиран на грижата за околината и иднината.