По успешните работилници во Куманово и Гази Баба, ЦИВИЛ продолжува со серијата јавни настани посветени на борбата против насилниот екстремизам и тероризмот.
„Заеднички против насилството“ е насловот на креативната работилиница која ЦИВИЛ – Центар за слобода, утре, на 21 мај (вторник) ќе ја одржи во Општинскиот ученички дом „Лазар Лазаревски“ во Велес, со почеток од 12 часот.
Работилницата е дел од заедничките заложби на ЦИВИЛ, основните и средни училишта од Велес, локалната самоуправа и полицијата, за јакнење на јавната свест и граѓанска едукација на локално ниво против насилниот екстремизам.
На работилницата се предвидува учество на околу 20 деца од повеќе средни и основни училишта во Велес кои заеднички ќе сликаат на теми „Човекови права и слободи“, „Мир и ненасилство“, односно сето она што симболизира мирно и здружено решавање на конфликти преку дијалог и разбирање.
Работилницата ќе биде проследена со видео проекции, музика, доделување симболични награди за учесниците на работилницата, како и благодарници до учесниците во проектот од Општина Велес.
Свои обраќања ќе имаат претставници на Општина Велес, претставници на ЦИВИЛ и СВР Велес, како и висок претставник на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, во завршниот дел од работилницата по 14 часот.
ЦИВИЛ го спроведува проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.