На 28 јули Украина им оддава почит на бранителите и бранителките на Украина, припадниците на доброволните формации и цивилните лица кои беа егзекутирани, мачени или загинаа во руско заробеништво. Овој ден не е само ден на национално сеќавање, туку и потсетник за меѓународната заедница на континуираните тешки прекршувања на меѓународното хуманитарно право од страна на Руската Федерација. Едно од најтешките и најпознатите такви злосторства е масовното убиство на украинските воени заробеници во казнената колонија во Оленивка – населено место во Доњецката област, кое од 2014 година се наоѓа под руска окупација.
Оленивка стана симбол на злосторствата на Русија врз воените заробеници по трагедијата од 29 јули 2022 година, кога на територијата на поранешната Волновашка казнено-поправна колонија бр. 120, која во тој момент беше под контрола на окупациските сили на Руската Федерација, се случи експлозија во бараката каде што беа држени украински војници. Во експлозијата загинаа најмалку 53 припадници на 12-та бригада за специјални намени „Азов“ на Националната гарда на Украина, а повеќе од 130 украински воени заробеници беа ранети. Ова злосторство претставува едно од најмасовните убиства на воени заробеници во современата историја на Европа и грубо прекршување на Женевските конвенции, кои ја ставаат целосната одговорност за животот и безбедноста на воените заробеници врз државата што ги држи во заробеништво.
Околностите што ѝ претходеа на трагедијата укажуваат на нејзина темелна подготовка. Во мај 2022 година, по речиси три месеци херојска одбрана на Мариупол, украинскиот гарнизон, чие јадро беа припадниците на бригадата „Азов“, по наредба на највисокото воено-политичко раководство на Украина ја напушти територијата на фабриката „Азовстал“ со цел да се зачуваат животите на личниот состав и падна во заробеништво на руските сили и на групите под контрола на Русија. Согласно постигнатите договори, овие војници требаше да бидат под заштита на меѓународното хуманитарно право како воени заробеници.
По излегувањето од „Азовстал“, дел од украинските воени заробеници беа префрлени во Волновашката казнено-поправна колонија бр. 120 во населбата Оленивка. Токму таму руската страна требаше да ја обезбеди нивната безбедност, хумано постапување и почитување на одредбите од Женевските конвенции.
На почетокот на јули 2022 година, управата на колонијата почнала да уредува посебна барака за украинските воени заробеници од бригадата „Азов“. Таа била одвоена од другите објекти, било поставено дополнително бодликаво жичено обезбедување, а во непосредна близина биле ископани ровови. На 26 јули во таа барака биле префрлени 193 воени заробеници од „Азов“. Вечерта на 28 јули, за првпат откако се наоѓале во заробеништво, им било забрането да ја напуштаат бараката.
Непосредно пред полноќ на 29 јули 2022 година, во внатрешноста на бараката одекнале две силни експлозии, по што избувнал пожар кој ја зафатил зградата. Преживеаните со сопствени сили се обидувале да ги спасат другите воени заробеници, да ги изнесат загинатите и да им укажат помош на ранетите. Управата на колонијата не презела мерки за гаснење на пожарот и не обезбедила итна медицинска помош. Возилата на итната медицинска помош пристигнале приближно 30 минути подоцна, но не им било дозволено да влезат на територијата на колонијата. Дури по неколку часа на медицинскиот персонал од редот на самите воени заробеници му било дозволено да им укажува помош на ранетите. Дел од тешко ранетите починале поради одложувањето на евакуацијата и при нивното транспортирање.
Севкупноста на доказите укажува дека злосторството било однапред испланирано. Изолираната барака била подготвена специјално за сместување на воените заробеници, кои биле собрани на едно место само неколку дена пред експлозијата. Дополнителната бодликава жица, ископаните ровови и дотогаш невидената забрана да ја напуштаат бараката токму во пресрет на трагедијата укажуваат на претходна подготовка на нападот.
Руската Федерација веднаш по експлозијата тврдеше дека колонијата наводно била уништена како последица на украински напад со употреба на системот HIMARS. Меѓутоа, Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права соопшти дека расположливите материјали не ја потврдуваат верзијата за употреба на HIMARS, а руските тврдења не беа потврдени од независни експерти. Воедно, Руската Федерација одби да им овозможи на меѓународните експерти непречен пристап до местото на трагедијата, што значително ја отежна независната истрага.
Мисијата на Обединетите нации за утврдување на фактите беше принудена да ја прекине својата работа поради недостиг од безбедносни гаранции и пристап до местото на настанот. Украинските организации за заштита на човековите права му доставија на Меѓународниот кривичен суд сведоштва од очевидци, експертски мислења, фотографии и видеоматеријали, кои претставуваат единствена доказна основа за военото злосторство во Оленивка.
Трагедијата во Оленивка не е изолиран случај, туку дел од поширокиот систем на сурово постапување со украинските воени заробеници. Според податоците на Мониторинг-мисијата на Обединетите нации за човекови права во Украина, 96% од ослободените украински воени заробеници пријавиле дека биле изложени на тортура или други облици на сурово, нечовечно или понижувачко постапување за време на нивниот престој во руско заробеништво. На особено сурово постапување се изложени припадниците на бригадата „Азов“. Повеќе од 270 припадници на „Азов“ беа осудени во монтирани судски процеси врз основа на фабрикувани обвиненија, а многумина од нив под тортура биле принудувани на самопризнание. Русија, исто така, систематски одбива да го вклучи мнозинството заробени припадници на „Азов“ во размените на воени заробеници, а значителен дел од оние што ја преживеаја експлозијата во Оленивка сè уште се наоѓаат во руско заробеништво.
Четвртата годишнина од трагедијата во Оленивка потсетува дека злосторствата врз украинските воени заробеници продолжуваат. Сеќавањето на загинатите нè обврзува да ги засилиме напорите за заштита на сите украински државјани кои сè уште се наоѓаат во руско заробеништво, да обезбедиме непречен пристап на меѓународните хуманитарни организации до местата каде што се држат, да обезбедиме ослободување на сите незаконски задржани државјани на Украина и да обезбедиме повикување на одговорност на сите лица вмешани во военото злосторство во Оленивка.
Оленивка стана симбол на намерното непочитување од страна на Руската Федерација на нормите на меѓународното хуманитарно право и на човечкото достоинство. Ова воено злосторство не застарува. Воспоставувањето правда е можно само преку целосна, независна меѓународна истрага, утврдување на сите околности на трагедијата и повикување на одговорност на секој што ја издал злосторничката наредба, го организирал нејзиното извршување или се обидел да ја прикрие вистината.
Сеќавањето на жртвите од Оленивка и на сите украински државјани кои беа егзекутирани, мачени или загинаа во руско заробеништво мора да остане заедничка одговорност на меѓународната заедница и потсетник дека неказнивоста поттикнува нови злосторства.