До редакцијата на ЦИВИЛ Медиа стигна информација дека пред околу еден час во притворот во Шутка почина момче на 23 годишна возраст.
Директорот на КПУ Затвор – Скопје, Есад Рахиќ за ЦИВИЛ Медиа ја потврди оваа информација.
„Се работи за момче на 23 годишна возраст, кое е во притвор од декември минатата година“, изјави Рахиќ за ЦИВИЛ Медиа. Тој демантираше дека притвореникот бил во карантин изминатите неколку дена, а повеќе детали најави по истрагата која се спроведува во моментов, но и обдукцијата на починатото лице.
Oва е втор смртен случај во затворот во една недела. На 8 април почина притвореник, кој посмртно покажа позитивен резултат на тестирањето за ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека тој починал од срцев удар, а во затворот бил примен на 8 март, без симптоми.
По смртниот случај, надлежните информираа дека се засилени мерките за превенција од ширењето на коронавирусот. Деновиве започна и тестирање на затвореници и вработени во истражниот затвор, а според последните информации од Министерството за здравство, до петокот биле земени брисеви од 30 притвореници.
Есад Рахиќ, директорот на казнено-поправниот затвор во Шуто Оризари, во емисијата „Утрински брифинг“ рече дека единствено шест затворски чувари се во карантин откако тие биле во контакт со починатиот притвореник, инаку еден од неодамна уапсените од Ресен за лажно продавање на јаболка на странски фирми.
М.И.