Во прилепскиот основен суд денеска почна судењето на прилепчанец кој е обвинет за нарушување на јавен ред и мир. Станува збор за случајот од празникот 11 октомври лани, кога при прославата на 80-годишнината од почетокот на Народното востание, прилепски активист во криптата на Могилата на непобедените вербално, со зборови, навредливи според обвинението, се обрати до тогашниот премиер Зоран Заев. Обвинението е поднесено од прилепската полиција, пренесува МИА.
Судијката, кој ја води прекршочната постапка Јованка Јованоска, ни изјави дека процесот денеска почна и не може да коментира за текот на постапката.
– Започна судската постапка за прекршок по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир за случај од 11 октомври 2021 година. Подносител е СВР-Битола, ОВР Прилеп. За овој вид прекршок е предвидена парична глоба, рече Јованоска.
Обвинетиот, прилепчанецот Иван Јованоски, како што изјави пред прилепскиот основен суд, не се кае за изречените зборови, ниту дека е виновен за обвинението. Вели дека има повикано сведоци, а меѓу другите е повикан да сведочи поранешниот премиер, Зоран Заев.
За овој вид прекршок, според Законот е предвидена парична глоба. Судскиот процес продолжува на 15 мај.
Инаку, Иван Јованоски е локален модератор на партијата „Левица“ во Прилеп и е член на советот на општина Прилеп.
Лани, среде одбележувањето на 11 октомври и 80 годишнината од народното востание, активисти на Левица, во криптата на Могилата на непобедените во Прилеп се обидоа да предизвикаат инцидент кога државниот врв ги полагаше цвеќињата и венците и им оддаваше почит на борците чии мошти се во Криптата.
Обидот за предизвикување иницидент на активистите на Левица беше неуспешен. Никој од обезбедувањето не презеде ништо, туку само мирно беа заобиколени активистите и им беше оддадена почит на загинатите прилепски борци во НОБ и револуцијата.












