Деновиве, до ЦИВИЛ МЕДИА стигнуваат многу пораки во кои се говори за ефектите од оваа акција на политичкото раководство во земјава, но пристигна и нов случај на непотизам. Изворот на овие информации сакаше да остане анонимен. Во продолжение, ја пренесуваме пораката од изворот.
Во деновите кога премиерот влезе во битка со непотизмот и повика да се повлечат вработувањата на членови од семејствата на функционерите, кога постојано се говори за политичка и морална одговорност за ваквите постапки, во јавноста секој ден се јавува по некој нов случај на непотизам.
Јулијана Силјановска в.д. член на Инспекциски совет надлежен во областа на надзорот на пазарот, работни односи и безбедност и здравје при работа си го вработи синот како помлад инспектор за труд во Државен инспекторат за труд во Битола.
Не може да се утврди дали овој помлад инспектор ја поседува потребната стручност за вршење на неговата функција, но со оглед на улогата која што ја има Инспекцискиот совет во однос на Државен инспекторат за труд ова би требало да укажува на нешто.
Инспекцискиот совет е самостоен државен орган, а во својот поширок делокруг на надлежности можеме да ги издвоиме: континуирано следење на успешноста на инспекторите, спроведување на испит за инспектор, издавање и одземање на лиценца на инспектор, водење на дисциплинска постапка против инспекторите итн.
Со оглед на надлежностите на Инспекцискиот совет, се поставува прашањето, кој му издал лиценца за инспектор на овој помлад инспектор и под чиј надзор бил за време на испитот за инспектор кој го спроведува Инспекцискиот совет?