Под посебни протоколи за заштита на населението од Ковид-19 и без дел од традиционалните содржини утре во Струга почнува јубилејното 60. издание на Меѓународниот поетски фестивал Струшки вечери на поезијата, под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“
Официјалното отворање ќе биде вечерта на летната тераса во хотел „Дрим“, а претходно на летната сцена во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ќе биде отворена изложба „60 години Струшки вечери на поезијата“. Годинава ќе изостане традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатот, поради неможноста да присуствува добитничката на Златен венец, британската поетеса Керол Ен Дафи. Според најавите на Фестивалот, лауреатот ќе има видео обраќање и поетско читање.
Најголем дел од поетските читања и портретите на фестивалот ќе се одржуваат на летната тераса во хотел „Дрим“ и на летната сцена во Центарот за култура, а најавено е присуство на 30-ина поети од земјава и светот.
Манифестацијата завршува в недела со меѓународното поетско читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга”, на летната тераса во хотел „Дрим“.