Евентуалниот недостиг на енергенти и зголемените сметки со кои ќе се соочат компаниите и граѓаните во наредните месеци ги натераа европските земји уште во текот на летото да почнат да се подготвуваат за кризата.
Европа ја доживува својата најтешка енергетска криза во изминатите 50 години, при што растечките цени на енергијата дополнително ја поттикнуваат постоечката инфлација што може да го турне континентот во рецесија, пишува Ал Џезира.
Зголемената потрошувачка по намалените активности за време на пандемијата на Ковид-19, војната во Украина, прекинот на гасот од страна на Русија и сушите кои исто така влијаеа на намалувањето на производството на електрична енергија во хидроцентралите – доведоа до криза поради која европските земји веќе неколку месеци се подготвуваа да ја пребродат претстојната зима и грејна сезона.
Цените на енергенсите веќе се зголемија, но компаниите и граѓаните тоа ќе го почувствуваат преку повисоки сметки во наредните месеци. Поскапувањето на гасот доведува и до поскапување на струјата.
Истражувањето на Голдман Сакс покажува дека, според досегашните трендови на цените, се проценува дека сметките за енергија на почетокот на следната година ќе изнесуваат околу 500 евра за просечно семејство во ЕУ, што е зголемување за 200 отсто во однос на 2021 година. Во Велика Британија, сметките се очекува да се зголемат за 80 отсто од следниот месец.
Сепак, иако повисоките сметки се неизбежни, друг ризик претставува прекинот на снабдувањето со гас.
Европа порано добиваше околу 40 отсто гас од Русија. На почетокот на септември, рускиот државен енергетски гигант Газпром го прекина протокот на гас низ клучниот гасовод Северен поток 1, наведувајќи ги како причина одржувањето и техничките дефекти.
Рускиот гас сè уште стигнува до Европа преку гасоводи низ Украина и Словачка и преку Црното Море кон Турција и Бугарија, но само прекинот на гасот преку Северен поток беше доволно за цените повторно да се зголемат.
Дури и мал пад на температурата може да доведе до криза
Позитивно е што европските земји успеаја да ги наполнат складиштата за гас пред вообичаениот рок. Европската комисија побара од земјите-членки да наполнат 80 отсто од резервите на гас до 1 ноември.
Повеќето земји го достигнаа тоа ниво пред предвиденото. Генерално, Европа имаше 80,2 отсто од испораките на гас на почетокот на септември, два месеца пред утврдениот рок.
Сепак, нема гаранции дека нема да дојде до недостиг од овој извор на енергија и покрај резервите.
Европа се уште се потпира на увоз на гас во текот на зимските месеци, а постои можност во случај на студена зима да има недостиг од гас.
Доколку дојде до тоа, експертите проценуваат дека тоа ќе се случи кон крајот на зимата. Меѓутоа, во моментов се чини, предупредуваат, дека оваа ситуација може да се прелее и во следната зима.
Според пишувањето на Блумберг, реалноста е дека во Европа нема доволно гас, а доколку нема намалување на побарувачката, компаниите може да останат без струја, а во екстремни случаи дури и домаќинствата, што е последна опција.
Додека земјите ги надополнуваат своите резерви на гас, владите истовремено се обидуваат да ги натераат граѓаните и индустриите да штедат.
Фактот што Европа нема доволно гас може да влијае на снабдувањето со електрична енергија произведена од овој енергент.
Многу ќе зависи од временските услови во наредните месеци, бидејќи и мал пад на температурата може да доведе до радикална промена на побарувачката за енергенти.
Како што наведува Блумберг, падот на температурата за еден степен Целзиусов во Франција доведува до зголемување на побарувачката за електрична енергија во обем што го произведуваат два од 56-те нуклеарни реактори во земјата.
Редукција на струјата во текот на зимата
Аналитичарите на Голдман Сакс во извештајот наведоа дека колку поголемо штедење биде воведено во текот на летото, толку ќе е помала веројатноста Европа да се соочи со исклучување на струјата во текот на зимските месеци.
Некои мерки веќе почнаа да се воведуваат порано. Владите препорачаа, на пример, пократки туширања во домаќинствата или пониски температури во јавните базени и исклучување на надворешното осветлување на јавните згради.
Во Франција, на пример, постои систем преку кој граѓаните можат да ги следат прогнозите кои се однесуваат на побарувачката на електрична енергија неколку дена однапред, а доколку се очекува кризна ситуација, како што е голем пад на температурата, системот испраќа предупредување еден ден порано, така што потрошувачката на електрична енергија може да се намали.
Во случај на криза, Велика Британија прво ќе побара од домаќинствата и компаниите да се обидат да штедат енергија, а доколку тоа не е доволно, струјата ќе биде исклучена во компаниите со најголема потрошувачка на енергија.
Примерите од практиката, на пример во Америка, покажуваат дека граѓаните многу брзо реагираат на владините повици за заштеда на енергија во кризни ситуации, макар и само со исклучување на едно светло во домот.
Милијарди евра помош за граѓаните
Европските земји, исто така, воведуваат одредени мерки за да им помогнат на граѓаните да ги платат сметките за енергија за време на инфлација, кои генерално се сведуваат на намалување на даноците на цените на енергентите, обезбедување помош на граѓаните и компаниите, и ограничување на цените.
Германија вети дека ќе го намали ДДВ-то на природниот гас од 19 на седум проценти до крајот на март 2024 година. Владата, исто така, одобри два пакета помош од 65 милијарди евра за да им помогне на граѓаните со зголемените цени на енергијата.
Мерките за помош опфаќаат поевтин билет за јавен превоз и паушал кој ќе им биде исплатен на пензионерите и студентите во износ од 300, односно 200 евра за трошоци за енергија.
Оваа недела, Холандија објави „невиден“ пакет во вредност од 17 милијарди евра за да им помогне на граѓаните кои се соочуваат со зголемените цени на енергентите.
Цените на гасот во оваа земја се зголемени за 170 отсто, а струјата за 149 отсто. Како резултат на тоа, Владата воведе ограничување на цените на овие извори на енергија од 1 јануари следната година.
Сепак, и покрај сите подготовки, штедење и мерки, неминовно е дека Европа ќе се соочи со една од најтешките зими, а граѓаните и компаниите со постојано зголемување на сметките во текот на следните месеци.
Г.Т.