Неколку згради се оштетени во укрински напади во текот на ноќта во јужниот руски град Ростов на Дон, изјави денеска гувернерот Јуриј Сљусар, јави ДПА.
Во објава на Телеграм, Сљусар посочи дека 74 жители биле евакуирани од неколку згради. Нема информации за повредени.
Во меѓувреме, во текот на ноќта се издадени предупредувања за беспилотни летала над главниот град на Украина, Кијив.
Градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм објави дека руско беспилотно летало се упатило кон центарот на градот, иако нема информации за штета или жртви.
Украинскиот претседател Володимир Зеенски, пак, објави дека по „принуден прекин“, севернокорејските војници се вратиле на фронтот и ги продолжиле борбите заедно со руските сили во западниот руски регион Курск.
– Севернокорејските трупи, кои беа повлечени неколку дена поради неоткриени причини, сега им се придружија на руските сили во обновените напади, рече Зеленски во својот најнов извештај за ситуацијата на линијата на фронтот.
Според него, и руските и севернокорејските единици претрпеле значителни жртви.
– Зборуваме за стотици руски и севернокорејски војници, кажа Зеленски, пренесе МИА.