Не престануваат партиските препукувања за пожарот во модуларната болница во Тетово во која загинаа 14 лица. Денеска во Тетово се одржа протестен марш за да има одговорност за 14 загубени животи при пожарот во тетовската модуларна болница. На протестот се извикуваа пароли против лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а имаше и судир со полицијата при обидот демонстрантите да се упатат кон седиштето на ДУИ во Мала Речица.
Градоначалничката и кандидат за Тетово, Теута Арифи, испрати меморандум за кратка изборна кампања и фер во однос на трагедија на 8 септември. Од Алијанса за Албанците истакнаа дека Теута Арифи веќе не претставува никаков авторитет ниту морален, ниту пак правен за да упатува вакви повици, да им кажува како треба да се однесуваат во кампања.
ПОВЕЌЕ ЖЕНИ ОД МАЖИ НА СОВЕТНИЧКАТА ЛИСТА НА ЗХГ
„Конечно ДИК ги потврди кандидатурите на ЗХГ! На листaта за членови на Совет, ЗХГ има 58 отсто жени, носителка на листа жена и кандидатка за градоначалничка жена. Силни жени што придонеле многу за подобрување на општеството“, велат од ЗХГ.
ПОЛИТИЧКИОТ „ПОЖАР“ СЕ ШИРИ И КОН ДУИ
Во Тетово денеска се одржа протестен марш од кој учесниците побараа одговорност поради 14 загубени животи при пожарот во тетовската модуларна болница, што се случи на 8 септември. Дел од луѓето почнаа да фрлаат јајца и предмети кон зградата на Општина Тетово. Групата продолжи пеш до Мала Речица со намера да дојдат до седиштето на ДУИ. Одејќи низ градските улици дел од групата извикуваше разни пароли со навредлива содржина кон лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ не престанува да го политизира трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово, очајно обидувајќи се да спечали некаков политички поен.
„Вчера целата јавност на дело виде како Христијан Мицкоски се обидува на подмолен начин, без трошка совест, да ги злоупотребува чувствата на семејствата на трагично загинатите за политички цели. Денеска од белиот дворец повторно со политикантство се обидуваат да профитираат и тоа додека трае истрагата која треба да ги даде сите одговори поврзани со пожарот. И сето ова ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не го прават затоа што се загрижени, затоа што им е жал за загубата на човечки животи, туку затоа што бескрупулозно се борат за гола власт“, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение побараа поврторно оставка од министерот за здравство Венко Филипче.
„Аман Филипче не менаџирај повеќе кога резултатот е 14 мртви од пожар. Немој да менаџираш и да работиш кога објектите за кои распишуваш тендер горат за 3 минути со живи луѓе внатре. Филипче немој не се мачи да менаџираш кога ниту противпожарни апарати не си стигнал да поставиш во модуларната болница во Тетово. Аман Филипче не работи толку, 5 месеци вакцинацијата закасни заради тебе. Од толку што работиш Филипче над 6000 луѓе починаа од КОВИД. Не менаџирај кога имаш десетици мртви на ден“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
МЕМОРАНДУМ ЗА КРАТКА И ФЕР ИЗБОРНА КАМПАЊА
Градоначалничката и кандидат за Тетово, Теута Арифи, испрати меморандум за кратка изборна кампања и фер во однос на трагедија на 8 септември.
„Во знак на солидарност и во однос на трагедијата од 8 септември, како градоначалник и кандидат за градоначалник на Тетово, ги поканувам сите политички партии да го потпишат овој меморандум за разбирање, за кратка изборна кампања на време, фер и во однос на трагедија на 8 септември“, побара Арифи.
Од Алијанса за Албанците истакнаа дека Теута Арифи веќе не претставува никаков авторитет ниту морален, ниту пак правен за да упатува вакви повици, да им кажува како треба да се однесуваат во кампања.
„Најголемата иронија е дека после децении во власт, час пратеник, час министерка и осум години градоначалничка на општина, таа упатува повик да не правиме кампања пред 27 септември. Госпоѓа Арифи, овој датум и така е одреден со закон и кампања пред овој датум нема да правиме, веруваме дека ниту другите кандидати, освен вашата партија којашто е навикната да го прекршува законот кога ќе и текне“ – велат од Алијанса за Албанците.
Тие велат дека Алијанса за Албанците и идниот градоначалник на општината на Тетово ќе водат кампања со конкретна понуда за обновување на Тетово после осумгодишната деградација и хаос над градот. Но, истовремено, нема намера да го премолчува криминалот, корупцијата, злоупотребата и лошото менаџирање што се случи во минатите осум години и нема да престане да бара одговорност таму каде што е потребно. И ве убедуваме дека или денес, или утре, одговорност ќе има!“, .
Д. Муратов