Бегството на екс премиерот Никола Груевски во Унгарија го коментираат политички аналитичари од земјава и во медиумите на албански јазик во земјава и пошироко. Едни сметаат дека е „кукавички чин“, други пак сметаат дека тој побегнал со помош на власта. Во продолжение на текстот ќе може да прочитате што велат експертите за бегството на Груевски.
Артан Дика за ТВ21 вели дека бегството на Груевски е подготвено сценарио меѓу власта и опозицијата поради политичко пазарење.
„Има доста сомнежи дека станува збор за настани кои се одвивале со знаење и дозвола од власта. Деталите треба да ги знаат организаторите и учесниците“, вели Дика.
Професорот на Универзитет на Југоисточна Европа Селим Ибрахими вели дека ситуацијата при обидите за приведување на Груевски е политичко шоу.
„Затоа целото ова политичко шоу што се случува последниве денови во Македонија навистина дава лоша слика пред меѓународниот фактор. Се гледа како слабост на Владата на Македонија и органите за спроведување на правдата во пракса“, вели Ибрахими.
Хади Османи поранешен кандидат за претседател за општина Липково на претходните локални избори за весникот „Лајм“ вели дека медиумите премногу го критикуваат МВР, а тоа оди во полза на Груевски.
“Медиумскиот напад врз МВР е многу погрешен и има за цел да го спречи ова министерство да ги преземе неопходните мерки кое заедно со Министерството за правда ќе треба да направи екстрадиција на Груевски.
Поранешниот пратеник Изет Зеќири во емисијата „200“ на Алсат ТВ вели дека Груевски со неговото бегство покажа дека не ја сака својата земја.
„Бегството на Груевски зборува за неговиот лик. Груевски не покажа патриотизам. Тој не ја сака својата земја. Неговото бегство ќе го подели ВМРО-ДПМНЕ уште повеќе“.
Речиси сите албански медиуми во Албанија известуваа дека експремиерот Никола Груевски илегално влегол во Албанија, а со дипломатско возило на унгарската амбасада и пасош на негово име, излегол на границата со Црна Гора.
За бегството на Груевски новинарите од Албанија стасаа и да се шегуваат. Премиерот на Албанија гостуваше во „Репорт ТВ“ каде што, при завршување на емисијата, еден новинар му порача на Рама да го земе бројот на Груевски затоа што ќе му треба и нему во блиска иднина да бара азил во Унагрија.
Тиранската телевизија „Ора њуз“ повикувајќи се на информации од извештаите на албанската полиција соопшти дека поранешниот премиер на Македонија ја напуштил Албанија во неделата, околу 19 часот преку граничниот премин Хан Хоти-Муриќан, на албанско-црногорската граница.
Телевизијата „Топ ченал“, објави дека Груевски не ја поминал границата на официјалниот премин, туку илегално, преку зелениот појас. Од унгарската амбасада во Тирана за телевизијата, не сакаа да дадат коментар по информациите.
Бегството на Груевски е меѓу главните вести и во косовските медиуми. Порталот „Инсајдери“ и „Индексонлајн“ и повеќето медиуми пренесуваат дека поранешниот македонски премиер веројатно побегнал со бугарски пасош, но не се исклучува да имал и српски, бидејќи, како што наведуваат, тој некогаш бил советник на Владата во Белград.
А. Ќ.