пишува: ЕЛЕНА ГАГОВСКА
Во прес конференцијата која се одржа минатата недела пред МВР (Министерството за Внатрешни Работи), платформата побара со рок до 8-ми март да има „кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија”. Односно платформата побара темелно разрешување на случајот „Јавна Соба“ и кривични пријави врз основа на „злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење проституција, загрозување на безбедноста или ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем во зависност од околностите на случајот“.
На овие многу јасни и разумни барања, македонскиот полициски синдикат излезе со комплетно апсурдна реакција која би сакала да ја анализирам реченица по реченица бидејќи скоро секој израз во оваа јавна реакција на синдикатот е загрижувачки: „Нема да дозволиме како синдикат, поедини случаи да бидат генерализирани и на тој начин да се навредуваат и омаловажуваат полициските припадници дека се непрофесионални, неетички, а најмалку дека се родово несензибилизирани или во рамките на своите полициски постапувања и овластувања истите се водени од предрасуди и стереотипи“.
Самиот почеток на оваа реакција доаѓа од позиција на моќ: полицискиот синдикат нема да „дозволи“ да биде наводно навредуван и омаловажувам од страна на феминистичките активистки. Познат концепт во политичките науки е дека државата има монопол врз насилството, односно преку ентитети како полицијата и војската државата има право на таканаречено „легитимно насилство“. Секако многу активисти и левичари се залагаат за помало присуство или пак комплетно укинување на овие институции. Но македонската полиција не поаѓа од оваа критичка перспектива туку од позиција од која може да врши „легитимно насилство“ и смета дека преку самото обелоденување на случаи каде што полицијата не постапувала по законите претставува омаловажување на полициските службеници.
За вториот дел од реченицата дури и не знам до крај како да коментирам. Според репортажа од КОД, документирани се повеќе случаи каде што полицајки биле сексуално вознемирувани од страна на нивните машки колеги каде што вознемирувачите поминале без последици. Секако одличен пример на оваа родова несензибилизираност е сведоштвото на Ана Колева која во Инстаграм видео на нејзиниот профил го опишува не само вознемирувањето кое го искусила од страна на членовите на „Јавна Соба“ туку и непрофесионалниот третман од страна на Одделот за Сајбер Криминал каде што ѝ било кажано дека полицијата не може да ѝ помогне бидејќи не постојат закони во нашата држава за полнолетни лица жртви на ваков вид насилство. Но тоа не е точно: како што објаснува Калиа Димитрова (од Хелсиншкиот комитет за човекови права) во интервју на Слободна ТВ Ана Колева во најмала рака можела да покрене постапка за злоупотреба на лични податоци. Така што многу е јасно дека во многу случаи — не поединечни исклучоци — на полицијата не ѝ е гајле за родово базираното насилство; како што гледаме често тие се и самите сторители на овој вид насилство.
Колку за потсетување сведоци сме и свесни сме дека полицаец го загуби животот при интервенирање по пријава за семејно насилство во Куманово. – Полициски синдикат
Срамно е што полицијата ја користи смртта на нивниот колега за да го оправда нивното континуирано непостапување во вакви случаи. Со оваа реченица не објаснуваат ни како умрел полицаецот од Куманово, ниту кога се кога се случил овој случај. Полицискиот синдикат само ја користи смртта на нивниот колега како реторичка стратегија со која што практично кажуваат „ако пробаме да се справиме со родово базирано насилство, ќе умрат полицајци. Дали ти, читателу, сакаш да умрат полицајци или ние да се заморуваме со решавање на глупости како Јавна Соба?“ Тажно е што полицијата сака вака да манипулира со јавноста, но дали некој е навистина изненаден од оваа реакција?
За жал можеме да констатираме дека на ваков начин докажуваме дека полициските службеници по секоја пријава постапуваат и преземаат мерки кои понекогаш имаат и трагичен крај. – Полициски синдикат
Буквално смртта на кумановскиот полицаец не докажува дека полицијата настапува по секоја пријава кога има еден куп примери на девојки, жени, ЛГБТ луѓе, членови на етнички малцинства и еден куп други случаи каде што полицијата не постапила според законите. Според МКД, полицискиот синдикат исто така потенцира дека „нема потреба од дополнителни правни акти во МВР за уредување на санкционирање во случај на семејно насилство“.
Во изјавата од полицискиот синдикат, тие едноставно сакаат да се претстават не само како жртви туку и како некое маргинализирано малцинство чии членови ги жртвуваат своите животи за да спасат жени од „лоши мажи“ додека феминистки ги навредуваат и омаловажуваат. Но полицајците не се ЛГБТи заедницата, ниту етничко малцинство или било каков вид на маргинализирано малцинство. Тие се луѓе кои одбрале одредена професија која за жал е дел од една од најреакционерните сили во многу општества кои најпрво ги штитат државните структури и приватната сопственост, а и патем некогаш би требало и да се грижат за безбедноста на жени и девојки.
Според австралиската историчарка Лизи О’Шеа, полицијата како институција прв пат се појавува на пристаништата на Лондон во 1790тите години кога сѐ повеќе луѓе почнале да работат за плата во склоп на капиталистичкиот систем кој почнал да се развива. За да се заштити приватната сопственост на капиталистите од кражби, бизнисменот Џон Хариот дошол до идејата за професионална полиција која понатаму се развива во професионална полиција која е платена преку собраниот данок и постои во скоро сите држави во светот.
Има многу да се каже за оваа често заборавена историја која заслужува свој напис, но главната поента што треба да се извлече во овој контекст е дека полицијата иницијално била замислена како институција чија главна цел била да го одржува редот (односно статус квото) и да ја заштити приватната сопственост на богатите, а не да ги штити обичните граѓани. Така што од оваа позиција на моќ, полицајците не можат да бидат жртвите кои тие упорно се преправаат дека се.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.