„Нашата полиција во изминатите дваесетина година „тренираше строгочу“, а нити самите не знаат што прават. Фала богу што помеѓу полицајците има и коректни професионалци кои си ја извршуваат совесно задачата како што треба, инаку, ако сите беа како поедини полицајци кои навредуваат на верска, етничка или верска припадност, оваа држава одамна немаше да постои“, вели во разговор за ЦИВИЛ Медиа, теологот Хусеин Адеми, кој пред три дена имаше непријатна ситуација со припадник на МВР на пријавницата на Министерството за образование и наука.
Тој вели дека полицискиот службеник дрско се однесувал со него додека со жена му и малолетната ќерка имале работа во МОН, и додава дека ова не е прв пат така да се однесува со него истиот полицаец. Случајот го пријавил во Оделот за внатрешна контрола во МВР.
„Едвај чекавме да се ослободиме од минатата гарнитура, сакавме да доживееме нешто подобро, меѓутоа сме изненадени дека на истото место, можеби истиот човек, на истиот начин постапува, не те почитува ни како појава, ни како човек, не те почитува ни како личност, ни како академски граѓанин, ни како верско лице… ти за него како да не постоиш! Се плашам дека во тие црни ходници или во тие скриени подруми, казамати во МВР за жал се уште функционираат луѓе со манијакален менталитет, кои наместо да ни служат, бидејќи од наш џеб се храна оти ние сме тие даночно обврзници од кој зимаат плата, таквите се употребуваат како орудие за спроведување некакви луди политики кои можат повеќе да го зголемат јазот и нетрпеливоста и разбирањето меѓу луѓето“, истакна Адеми.
Тој се надева дека нема да се повтори оваа несакана ситуација, а особено малтретирањето и изживувањето на македонските граници, каде што полицајците се однесуваат кон теолозите (мислиманите кои носат брада) како да не се македонски државјани.
„Тие будалаштини не може да се опишат, треба лично да се доживеат. Не ме малтретираат само мене, туку сите мои колеги теолози кои имаат кристално чисто досие, кои повикуваме на мир, толеранција, соработка, разбирање, соживот… Јас се надевам дека со новата политичка гарнитура на таквите работи ќе им се стави крај.
Дехран Муратов
Монтажа: Биљана Јордановска