Грузиската полиција вечерва употреби солзавец за да ги растера демонстрантите собрани пред зградата на парламентот во центарот на Тбилиси, откако претходно им нареди да си заминат, но тие не послушаа.
Француските медиуми пренесуваат дека претходно полицијата употребила водени топови за да се обиде да ја исплаши толпата.
И предходните денови грузиските специјални сили употребија водени топови и солзавец во обид да ги растераат демонстрантите кои протестираат пред Парламентот во Тбилиси против усвојувањето на законот за „странски агенти“, што според критичарите е насочен кон медиумите и невладините организации.
This is going to be iconic. #Tbilisi #Georgia pic.twitter.com/6zv7Md5mE2
— (((Tendar))) (@Tendar) March 7, 2023
Законот предвидува организациите кои добиваат повеќе од 20 проценти финансирање од странство ќе бидат регистрирани како „странски агенти“ и ќе подлежат на надзор на Министерството за правда.
Грузиската претседателка Саломе Зурабичвили најави дека ќе стави вето на законот, кој, според неа, ќе ги загрози надежите на Грузија за влез во Европската унија и НАТО, иако во таа земја Парламентот може да го отфрли претседателското вето.
Минатиот месец, повеќе од 60 граѓански и медиумски организации во Грузија соопштија дека нема да го почитуваат законот доколку биде усвоен.












