Село Љуботен утринава се разбуди под полициска опсада. Голем број припадници на специјалните единици на МВР се присутни низ цело село, а извршени се претреси во неколку куќи. Според мештаните, полицајците барале машини за обработка на тутунот со образложение дека тие се поседуваат противзаконски. Тие тврдат дека со децении обработуват тутун, ваква акција е прва и обвинуваат дека во неколку куќи службените лица немале ниту налог за претрес.
Селаните се жалат и на насилно влегување на полицајците при што скршиле и инвентар и сееле страв кај децата и жените.
“Ние и во време на Бугарите и во време на Србите, и во време на Југославија, и денеска од тутун живееме. Ние од рано сабајле, од третиот месец со децата одиме и на тутунот работиме. Викаат машините се илегални, па ние од оваа живееме. Ако е така нека дојдат смирено да ги земат, а не вака на сила, ги плашат децата, а имаме и бремени жени”, вели еден од селаните.