Полицијата вечерва привела граѓанин кој се обидел да го испрска Никола Груевски со спреј додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ говорел на митинг кај хотелот „Јадран“ во центарот на Скопје.
Според очевидци, додека Груевски зборувал, граѓанинот се обидел да се качи на бината, но бил запрен од обезбедувањето и тој тогаш се обидел нив да ги испрска со спреј. Најверојатно станува збор за спреј за самоодбрана.
По нападот интервенирала полицијата, а напаѓачот е приведен во полициската станица „Беко“.
Митингот, на кој зборуваа и скопскиот градоначалник Коце Трајановски и кандидатот за градоначалникот на Центар Дејан Јовановски, продолжи без оглед на инцидентот.
Од МВР го потврдија инцидентот и велат дека станува збор за 36-годишниот Р.Р., кој се наоѓа во полициска станица и во тек е разговор со него. Оттаму информираат дека во станицата се јавило уште едно лице кое пријавило дека е испрскано со спреј.
„Лицето Р.Р. (1981) се обидело да прска со спреј на митингот, обезбедувањето навреме го спречило и полицијата брзо интервенирала“, велат од МВР.