Во дел од медиумите и на социјалните мрежи се објавени фотографии од Министерството за култура, како се изнесуваат огромни вреќи со непозната содржина. Коментарите на граѓан(к)ите се дека се изнесуваат компромитирачки докази од проектот „Скопје 2014“, откако денеска Талат Џафери го зазеде претседателското место во македонското Собрание.
Од Министерството за култура во разговор за ЦИВИЛ Медиа ни потенцираа дека не се работи за никакви докази, туку дека Управата за заштита на културно наследство се сели во нови работни простории.
„Не станува збор за никакво изнесување на материјали од Министерството за култура, туку станува збор за постапка на преселба на Управата за заштитата на културното наследство во нови работни простории. Напоменуваме дека Управата за заштитата на културното наследство досега беше сместена во зградата на Министерството за култура. Материјали се изнесуваат веќе неколку дена бидејќи има многу, а тоа дека денеска се објавени фотографиите е малку тендициозно“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Анита Јованоска, портпарол на Министерството за култура.
Дехран Муратов