Речиси половина од Јазидите, киднапирани пред три години од страна на џихадистичката група Исламска држава (ИД), се уште се во заробеништво или се водат како исчезнати, покажуваат податоците на Министерството за верски прашања на автономниот регион Ирачки Курдистан.
Монотеистите Јазиди, курдско малцинство, кое исповеда езотерична религија, беа жестоко прогонувани од ИД.
Во 2014 година, џихадистите убија илјадници Јазиди во реонот на планината Синџар и киднапираа илјадници жени и девојки, кои ги претворија во сексуални робинки. Курдските сили, со помош на меѓународната коалиција, ги победија џихадистите во Синџар во ноември 2015 година. Во текот на октомври 2017 година, ирачките сили го презедоа Синџар од курдските борци.
„Од 3 август 2014 година до 1 декември 2017 година, од вкупно 6.417 киднапирани Јазиди од Сиџар, само 3.207 се спасени или избегале“, изјави Хаири Бозани од курдската верска канцеларија задолжена за проблемот.
Според него, 3.210 од нив се во заробеништво и тоа 1.507 жени и 1.703 мажи. Голем дел од нив се и деца, и момчињата и девојчињата. Сираци се 2.525, од кои 359 ги загубиле двата родитела, а родителите на 220 деца се уште се заробеници на ИД. Откриени се 47 масовни гробници. ИД, исто така, уништи 68 верски објекти на Јазидите, додава Бозани.
Од вкупно 550.000 Јазиди во Ирак, 100.000 ја напуштија земјата, а 360.000 се раселени и
живеат во Ирачки Курдистан и Сирија. Според извештајот на ОН, објавен во август, во областите под контрола на ИД, илјадници жени и девојки биле подложени на ужасно насилство – киднапирани, злоставувани, заробувани и малтретирани.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.