Државниот секретар на САД Мајк Помпео телефонски разговарал со министрите за надворешни работи на европските држави, потписници на Договорот за иранската нуклеарна програма, соопшти Стејт Департментот.
Помпео ги повикал министрите за надворешни работи на Франција, на Германија и на Велика Британија да ја продолжат „силната соработка” со САД, кои се повлекоа од договорот.
Во јануари американскиот претседател Доналд Трамп им даде на трите европски сили ултиматум до 12 мај за да ги подобрат условите на Договорот, кој го смета за несигурен. И покрај напредокот во разговорите, Трамп минатата недела објави дека ги повлекува САД од договорот.
Американскиот државен секретар им нагласи на европските дипломати дека постојат слични важни интереси.
Помпео во неделата објави дека во следниот период планира тесно ќе соработува со Европејците за да се постигне „навистина функционален договор”, кој ќе ја покрие „не само нуклеарната програма на Иран, туку и неговите проектили и штетно однесување”.
(МИА)