Професионалниот фудбалски тренер Сашко Попоски кој долги години тренира надвор од државата, во разговор за ЦИВИЛ Медиа вели дека спортот во Македонија во изминатата 2018 година бележи пад.
„Изминатата година имаше некакви општествено-политички промени, но не можам да зборам за конкретни и суштински промени, бидејќи не се забележуваат. Во однос на спортот во 2018 година тоа оди во надолна линија. Конкретно за пример ќе го земам Вардар, ако правиме паралела со успесите од 2016/17 година, во 2018 година има слободен пад.
Верувам дека луѓето што дојдоа на власт веројатно имаат некој долгорочен план за развивање на спортот, бидејќи на краткорочен план нема никакви резултати“, истакна Поповски.
Тој направи споредба помеѓу Рига, Латвија и Скопје, Македонија каде што вели дека бившата ССР држава е пред нашата за околу 30 години во однос на културата и граѓанската одговорност.
„Развојот на државата и општеството го гледам во секое новороденче. Не може да очекуваме да се развие некој што веќе има 16-17 години, мора да се работи со децата уште од најмала возраст. Доколку сакаме во наредните 30 години да создадеме здраво и одговорно општество мора да работиме на себе си и со нашите деца. Мора да си всадиме граѓанска одговорност и да очекуваме некакви резултати. За успешен развој на децата најзасегнато треба да биде Министерството за образование“, додава Попоски.
Тој е оптимист дека оваа година спортот и спортските успеси ќе бидат во нагорна линија.
Биљана Јордановска
Обработка на текст и камера: Дехран Муратов
Фотографија: Ангела Петровска