Поранешниот гватемалски претседател Алваро Колом и неговиот поранешен министер за финансии Хуан Алберто Фуентес Најт, кој е актуелен претседател на невладината организација Оксфам Интернешнл, се уапсени во Гватемала во рамки на истрагата за корупција, соопшти гватемалското обвинителство.
Веста за апсењето на претседателот на Оксфам е нов удар врз оваа британска хуманитарна организација, која веќе е вмешана во скандал со проститутки на Хаити, поради кој во понеделникот оставка поднесе нејзиниот помошник генерален директор Пени Лоренс.
Шеесет и шестгодишниот Колом, кој беше гватемалски претседател од 2008 до 2012 година, бил уапсен во неговиот дом во богат кварт на главниот град Гватемала.
Колом, кој беше првиот претедател социјалдемократ на Гватемала во изминатите 50 години, е обвинет за измама и пренасочување на средства при купување на неколку стотици автобуси за вкупно 35 милиони долари за различни области на главниот град во 2009 година. Според Обвинителството, цената на договорот за автобусите за кој на тендер биле избрани четири компании, била надуена.
Алваро Колом е вториот поранешен претседател на Гватемала, уапсен за корупција по Ото Перес, кој беше на таа функција од 2012 до 2015 година. Перес беше уапсен во 2015 година поради пренасочување на средства од царините.
Сегашниот претседател Џими Моралес е осомничен за нелегално финансирање на неговата изборна кампања, но Парламентот во септември одби да му го укине имунитетот.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини