Кина изутринава ги продолжи контроверзните воени вежби во близина на Тајван, во последниот ден од маневрите што значително ги зголемија тензиите во регионот, јави ДПА, пренесува МИА.
Војската на Тајван објави дека 20 кинески воени авиони и 14 воени бродови учествувале вчера во вежбите, при што кинеските беспилотни летала повторно биле забележани над островот Кинмен, кој е под управа на Тајван, кој се наоѓа на само 10 километри од пристанишниот град Ксиамен на кинеското копно.
Кинеското раководство во Пекинг ги започна маневрите како одговор на посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајпеј претходно оваа недела.
Вежбите го претставуваат најголемиот приказ на воена сила на Кина откако ракетните вежби спроведени во средината на 1990-тите ги наведоа САД да испратат два носачи на авиони во Тајванскиот теснец.
САД го обвинија Пекинг за „провокативни“ и „неодговорни“ дејствија по тврдењето на Тајван дека кинеските воени вежби симулираат напад на островот.
„Овие активности претставуваат значителна ескалација во напорите на Кина за промена на статус кво. Тие се провокативни, неодговорни и го зголемуваат ризикот од погрешни проценки. Тие, исто така, се спротивни на нашата долгогодишна цел за одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот Теснец“, соопшти Белата куќа.
Вчера Тајван реагираше на вежбите на кинеската армија, кои траат веќе четири дена поради посетата на претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси, на Тајван, јавува Би-Би-Си. Кина ја гледа посетата како провокација бидејќи го смета Тајван за дел од својата територија.
Тајванското Министерство за одбрана вчера соопшти дека кинеските бродови и авиони извеле вежби во Тајванскиот Теснец во текот на викендот, при што некои ја преминале средната линија – неофицијалниот тампон што ги раздвојува двете страни.
Тајванската војска соопшти дека одговорила „соодветно“ на вежбите, кои ги опиша како симулирање напад на островот.
Пекинг не ги коментираше последните вежби, кои треба да завршат денеска.
Вашингтон ја обвини Кина за ескалација на тензиите во регионот.