Својата кандидатура за преземање на функцијата на контроверзниот Марко Зврлевски, досега ја обелоденија скопските адвокати Александар Тортевски, Звонко Давидовиќ и Александар Наков и тетовскиот адвокат Сејфула Османи.
Владата денеска ќе достави предлог-заклучок до Собранието, по што, според Законот за јавно обвинителство, ќе биде објавен оглас во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника, од кои еден се издава на јазикот што го зборуваат 20% од населението, а не е македонски. По предвидениот рок за пријавување од 15 дена, на барање на Владата, Советот на јавните обвинители, во рок од 15 дена доставува писмено мислење за сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат условите.
Ако Советот јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.
Својата кандидатура за јавен обвинител досега ја обелоденија скопските адвокати Александар Тортевски, Звонко Давидовиќ и Александар Наков и тетовскиот адвокат Сејфула Османи.
За јавен обвинител може да биде предложен „работоспособен државјанин на Република Македонија со општа здравствена способност, кој активно го владее македонскиот јазик, има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник со положен правосуден испит во Република Македонија, како и работно искуство од најмалку осум години по положениот правосуден испит, со потврдени резултати на правни работи, односно е редовен/вонреден универзитетски професор кој предава повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика“.
Според портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, за нов јавен обвинител ќе се бара професионалец, кој со достоинство ќе ја врши функцијата.