Германската компанија за производство на литиум-јонски батерии „БМЗ“ ќе инвестира 65 милиони евра во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2 и ќе отвори 775 нови работни места, пренесе МИА.
Договорот за инвестицијата денеска во Франкфурт го потпишаа извршниот директор и основач на „БМЗ” Свен Бауер и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ДТИРЗ) Јован Деспотовски, во присуство на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и Јелица Ивановска, генерален менаџер на БМЗ Македонија.
Вицепремиерот Битиќи, по потпишувањето рече дека стабилното и предвидливо деловно опкружување кое влева доверба, низата на конкурентни мерки за поддршка на нови инвестиции, дале конкретен резултат, БМЗ по само неколку месечни разговори со претставници на државата да донесе одлука за реализација на инвестицијата и изградба на фабрика во ТИРЗ Скопје 2.
-Радува фактот дека инвестицијата ќе се реализира од високо технолошки напредна компанија, која својот раст и развој го проектира врз основа на истражување и развој, на напредно знаење, што значи дека во нашето стопанство ќе донесе иновативни технологии, практики на управување и експертиза, кои воедно може да се пренесат и на домашните компании во Северна Македонија, изјави Битиќи.
Со новата фабрика во нашата земја, посочи вицепремиерот, БМЗ ќе се приклучи на големото семејство од над 200 германски компании во Северна Македонија кои обезбедуваат редовни плати за над 20 000 наши граѓани.
-Директните бенефиции од оваа инвестиција, која е проектирано да достигне до 65 милиони евра, ќе изразат и во креирањето на нови 755 работни места, кои ќе бидат достапни за нашите граѓани, кои воедно создаваат и реални можности за развој и унапредување на нивните знаења, вештини и компетиции. Со проектирањето на годишен извоз од над 360 милиони евра, во нашата економија влегува компанија која ќе има позитивно влијание на трговскиот биланс, но и директно ќе учествува во градењето на долгорочни, технолошки напредни и одржливи основи на економскиот раст и развој на земјата, наведе Битиќи.
Во новиот капацитет, БМЗ ДООЕЛ Скопје, ќе се врши сериско производство на батериски производи.
Вкупната инвестиција ќе се реализира во период од 10 години. Изградбата на фабриката е планирано да започне кон крајот на годинава и да заврши најдоцна за 24 месеци.