Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во Ниш со српската министерката за европски интеграции Тања Мишчевиќ и евроамбасадорот во Србија Емануел Жиофре, потпиша трилатерална финансиска спогодба за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Србија и Европска Унија.
ИПА Програмата за прекугранична соработка, која беше усвоена од Европската комисија на 3 јуни 2022 година, има вкупен буџет од 9,7 милиони евра, од кои 8,4 милиони евра се неповратни средства од ЕУ.
Маричиќ, заедно со неговата српска колешка Тања Мишчевиќ, ја потпишаа првата алокација од новата прекугранична соработка за 2021 и 2022 година, во вредност од 3,6 милиони евра.
– Со потпишувањето на оваа финансиска спогодба за прекугранична соработка на ИПА програмата од ЕУ практично отвараме можност за 850.000 граѓани од пограничниот регион, и од Северна Македонија и од Србија, за општините, за градовите и за граѓаните да искористат средства кои што би значеле конкретни проекти во неколку клучни области- вработување на младите, здравствена политика, социјална и културна вклученост и развој на туризмот што е многу важна гранка во нашиот регион. Ако ова го надополниме на проектите и иницијативата Отворен Балкан се дава една поцелосна слика на сите можности што ги нуди евроинтеграцијата и регионалните иницијативи, конкретно за граѓаните, нагласи Маричиќ.
Средствата предвидени за реализација на прекуграничната соработка ќе опфатат два тематски приоритети и тоа социо-економски развој и развој на туризмот, во прекуграничниот регион во кој влегуваат областите Јабланица и Пчиња во Србија и Североисточниот регион и дел од Скопскиот регион во Северна Македонија.
Фото: ФБ Маричиќ