Граѓаните преку апликација ќе ги „ловат“ ниските цени во маркетите во Северна Македонија. Министерот за економија, Бесар Дурмиши, на прес-конференција најави дека во следниот период, во соработка со Владата, ќе се изработи апликација којашто преку алгоритам ќе ги споредува цените и на граѓаните ќе им покажува кој продукт е најевтин во нивна близина, пишува Дојче Веле.
Ова следи откако претходно маркетите добија обврска, согласно Законот за заштита на потрошувачите, да ги објавуваат цените на своите страници, со што требаше да се обезбеди поголема транспаретност и контрола, а како резултат на утврдени неправилности и голем пораст на цените во одредени поголеми маркети.
„Работиме во насока да се воведат мерки кои ќе дадат долгорочни резултати. Се работи на тоа да ги поддржиме нашите земјоделци и производители, бидејќи досега не е направена мерка или поддршка за нив.Со тоа ќе се намалуваат цените на производите, бидејќи ќе се произведуваат дома. Со поддршката на домашните производители и земјоделции индикректно ќе се влијае на домашното производство“, вели Дурмиши.
Тој додава дека во рамки на Министерствоот за економија ќе дадат предлог сите трговци и маркети да обележуваат на рафтовите кои производи се домашни, а кои увезени. Владата деновиве најави дека ќе прави кампања за купување домашни земјоделски производи, со која очекува да се поттикне растот на домашната економија, пишува Дојче Веле.
Дурмиши информираше дека во завршна фаза е изработка на официјална потрошувачка кошница, која сепак ќе биде за четиричлено, а не за тричлено семејство.