Сѐ уште се активни пожарите над селото Градманци во скопскиот регион, но и во кумановскиот и штипскиот регион. Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот кај селото Бели е целосно изгаснат, а охридскиот е ставен под контрола. На терен сè уште се присутни пожарникарите и екипите од Армијата.
ЦУК информира дека до 13 часот денеска, во скопскиот регион е активен пожарот кај село Градманци. Во Струмичко, шумскиот пожар кој се појави завчера кај местото Погана во Валандово на површина од 200 хектари, вчера мирувал сѐ до 17 часот, но со појавата на ветерот, тој повторно се разгорел и зафатил околу 100 хектари. И таму, состојбата се следи.
Дел од пожарите над селата Брајковци и Балинци се сѐ уште активни и екипи се распоредени покрај овие села.
Во кумановскиот регион, покрај постоечките, во 07:40 се појавил нов пожар во село Бељаковце, каде гори сува трева и нискостеблеста мешана шума и е ангажирана екипа на ТППЕ Куманово.
Во Старо Нагоричани е активен пожарот во селото Кокино, с.Арбанашко – местото Рамно и пожарот во с.Дренок. Во општината гори висока борова и дабова шума, габер, сува трева и нискостеблеста мешана шума, велат од ЦУК. Од утрово, на терен се ТПП Единица Старо Нагоричане и полицајци од СВР Старо Нагоричане, Армијата, вработени од Ш.Стопанство и мештани од Старо Нагоричане.
Во охридскиот регион, пожарите во околината на Делогожда -Струга и с.Девич – Македонски Брод се локализирани и ставени под контрола.
Во Битолско, зафатена е сува трева, појаси и меѓи со Општина Прилеп, во атарот на с.Канатларци и с.Подмол, а зафатена е и корија во атарот на с.Подмол.
Пожарите се под контрола, а сè уште е активен пожарот кој зафати шума во атарот на селот Топлица.
Во штипски регион, активен и проширен е пожарот кај Бајаз Тепе. Интервенираат екипа на Ш.С. Равна Река и ШС Малешево со теренски возила со цистерни, ТППЕ Берово и луѓе од месното население. Гори дабова и борова шума, нискостеблести растенија, стрништа и пасишта и во Малишевијата.
Пожарот кој избувна вчера во атарот на с.Нов Истевник уште е активен и зафатил околу 30 хектари. Во гаснењето на пожарот кај Голак, Делчево, е ангажирана Армијата и Шумското стопанство Голак од Делчево, Екипи работат на контрола и гаснење на пожарот и кај атарите на општините Берово и Пехчево.
Пoжарот кој се појави вчера кај село Бели, целосно е изгаснат, а во гаснењето учествувале противпожарните екипи од Кочани, Штип, Свети Николе, Кавадарци и Скопје., војници и месно население.