Семејствата на обвинетите во случајот „Монструм“ денеска повторно протестираат во Скопје. Протестниот марш започна од Чаир во 14 часот. Претходните протести против пресудите во случајот „Монструм се одржаа на 26 февруари, а поворката беше блокирана со полициски кордон кај ТЦ Мавровка.
На протестите на 26 февруари беа повредени полицајци и протестанти, а веќе се казнети со затвор и неколку учесници на протестите.
Минатата недела имаше лажна најава за протести, од извесен Блерим Ахмеди, кој е дел од групата на организаторите на овие протести.
Семејствата и дел од граѓаните протестираат откако во завршните зборови на последното судско рочиште за случајот, Основното јавно обвинителство (ОЈО) побара највисоки казни за нив поради петкратното убиство кај Смилковското езеро.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово и досега не се екстрадирани. Во претходното судење петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Кај Смилковското Езеро беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и Борче Стефановски.