Магистралниот пат Штип-Кочани вечерва, од 21 часот, е во прекин во двата правци поради пожар во кој гори стрниште и ниви и се шири кон магистралниот пат. Како што соопшти Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), нормализиран е сообраќајот на регионалниот патен правец Делчево – Пехчево. Пожар гори кај село Умлена, Робово и Митрашинци во Пехчевско.
Како што соопшти Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), нормализиран е сообраќајот на регионалниот патен правец Делчево – Пехчево.
Пожар гори и кај село Умлена, над село Робово, во близина на село Митрашинци, голем потег со дијаметар од 10 километри и претежно борова шума. Гасењето е отежнато поради непристапниот терен. Како што вели командирот на Одделението во Територијалната противпожарна единица – Берово, Димитар Букушовски, пожарот е се уште активен иако екипи трет ден учествуваат во негово гасење.
„Има многу екипи на терен. Месното население приоѓа, но пожарот засега не е под контрола. Да се надеваме дека со напор, вечерва, утре ќе успееме да го ставиме под контрола. Патиштата се непристапни, со ограничени можности сме со возилата за дејствување. Затоа прилично тешко се одвива гасењето“, нагласи Букушовски.
Според него, помошта од Република Бугарија е добредојдена. „Им благодариме на колегите за напорите кои ги имаат направено за да може да дојдат до тука со две цистерни, неколку возила и со 20-25 пожарникари. На друга позиција се горе. Да се надеваме дека се ќе биде добро. Нивната помош е драгоцена, ќе ни помогне да успееме да го санираме пожарот“, истакна Букушовски.
На терен се и пожарникари од Виница. „Дојдени сме од Виница. Распоредени сме во Умлена, сега чекаме да излеземе на терен. Ние сме екипа од четири пожарникари со опрема, опремено возило, со вода“, изјави командирот на Противпожарната единица од Виница, Станко Спасов.
Според жителка на селото Умлена кое е во непосредна близина на Пехчево, ситуацијата е страшна. „Пожарот дојде речиси до местото наречено Камен, уште малку да влезе во селото. Куќите не беа загрозени. Главно ја завршија работата, инаку ќе имаше голем беља“, раскажува жителката од селото за МИА. / МИА