Пожарот кој избувна денеска во близина на Кочани се приближил до градот, а кочанската населба Дрчевик е целата обвиена во чад. По избувнувањето на повеќе пожари низ источниот и југоисточниот дел на државата, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) одржи итен состанок со цел мобилизација на тимовите за заштита и спасување од пожари како и вработените на ДЗС и ПОЗС. Пожарите се причина што премиерот Заев ја напуштил предвремено централната манифестација за Илинден во Крушево.
Како што е објавено на Фејсбук страницата на ДЗС, директорот на Дирекцијата Беким Максути издал наредба за мобилизација на тимовите за пожари, Валандово, Виница, Берово, Битола, Гостивар, Куманово и Скопскиот тим Карпош. Предложено да се вклучат и доброволните противпожарни друштва.
Како што дознаваме од извори во Владата, сериозноста на пожарите била причина премиерот Заев предвреме да ја напушти манифестацијата во Крушево по повод Илинден.
Вработени од ДЗС по координацијата се упатени кон загрозените подрачја, како што се Старо Нагоричане, с. Бели Кочани и с. Новаци Битола со цел проценка, координација и помош на загрозените подрачја, наведува ДЗС.
– Апелираме до сите граѓаните да се вклучат доброволно на местата каде што е неопходно и директно да ја известат ДЗС за пожари во целата територијата на државата. Само заедно можеме да се справуваме најсилно со ова зло, стои во објавата на Фејсбук страницата на ДЗС.