Поттикнати од „летот во место“ на Македонија на патот кон ЕУ, редакцијата вчера одлучи да постави едно провокативно ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: ЕУ или Мицкоски?
Реакцијата на публиката беше посилна отколку очекувањата – за 12 часа имаше повеќе од 600 коментари.
Затоа, прашањето останува исто и денеска.
Редакцијата е свесна дека прашањето има провокативен и активистички тон, кој имплицира избор и вредносна позиција. Сепак, намерата е да поттикне отворена дебата и да ги прикаже различните ставови во јавноста. Освен во случаи на екстремен говор на омраза, навреди и вулгарности, сите се добредојдени слободно да го изразат своето мислење.
Еве само еден од многуте примери за дискусијата што ја отвори ова ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ на ЦИВИЛ:
(коментарите се лекторирани, со целосно зачувана смисла на пораките)
Корисник 1:
Северџанчиња, кој ве држи? Сите во ЕУ да заминете, ни да ве гледаме, ни да ве слушаме, ние Македонците.
Корисник 2:
Важи, а вие правите асталски комити кои живеете од ЕУ. На пример: 80% од сѐ што произведувате оди во ЕУ, најголемите инвеститори ви се од ЕУ, најголемиот прилив на грантови ви е од ЕУ, најголемиот дел од дијаспората е во ЕУ – вие каде ќе одите? За патриотскава екипа во коментариве прашувам.
ПРАШАЊЕТО НА ДЕНОТ е отворен простор за граѓаните – место каде секој може директно да коментира, да постави прашање или да предложи тема. Овој формат се спроведува секој работен ден од почетокот на септември 2024 година, со илјадници коментари, споделени информации и препораки. Тоа е уште еден начин на кој ЦИВИЛ и неговата медиумска платформа остануваат отворени, достапни и посветени на јавниот интерес веќе 27 години.
ЦИВИЛ











































