ВЕСТ НА ДЕНОТ
Им заврши одморот на пратениците, од денеска се враќаат на работа
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денес, во присуство на потпретседателот Горан Мисовски, координаторите на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, претставниците на Алтернатива и БЕСА и претставникот од Владата, ја одржа првата редовна координација по летниот колективен одмор.
На истата информираше дека на 14 септември 2022 година е планирано одржувањето на првата нова седница на Собранието на Република Северна Македонија за овој месец. Дополнително, претседателот Џафери ги информираше присутните и за следните планирани активности во законодавниот дом.
-Исто така, претседателот Џафери им посочи на координаторите на пратеничките групи од утре да продолжи со работа Комисијата за избори и именувања со точката за избор на уставните судии, а преостанатите комисии на Собранието на Република Северна Македонија да продолжат со разгледување на преостанатите точки од дневните редови. Во периодот што следи, пратениците ќе работат и по продолженијата на веќе започнатите пленарни седници, се посочува во соопштението од Кабинетот на Џафери.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Имајќи предвид дека сме во енергетска светска криза, како Министерство правиме напори секој граѓанин да може да постави фотонапонски електроцентрали на своите објекти. На денешната владина седница поминаа овие измени во однос на поедноставни процедури за поставување фотоволтаични електрани на покривата на домаќинствата и стопанските објекти, а сакам да апелирам до сите пратеници проактивно да се вклучат и да ги изгласаат овие законски измени веќе на следната собраниска седница, порача на денешната пресконференција министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
За сето ова, како што истакна Бочварски, на граѓаните нема да им биде потребно одобрение или решение од општината.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНТЕГРАЦИИ Претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг, Михаел Рот утре ќе престојува во посета на Република Северна Македонија.
ОБРАЗОВАНИЕ Дистрибуцијата на новите материјали за учење кои ги подготви Министерството за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието, наменети за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение за предметите за кои се изготвени нови наставни програми е во тек и ќе се заокружи пред почетокот на учебната година.
СОРАБОТКА Солидарноста и соработката во моменти на енергетска криза, подготовките за претстојната зимска сезона, реализацијата на заеднички проекти во изградбата на енергетската инфраструктура и зајакнувањето на регионалната енергетска безбедност се клучни задачи за сите земји членки на иницијативата „Отворен Балкан“, се согласија на денешната онлајн средба претставници на Министерството за рударство и енергетика на Србија, Министерството за инфраструктура и енергетика на Албанија и Министерството за економија на Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.
ДИПЛОМАТИЈА Претседателот Стево Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија, Лариса Дир.
БЕЗБЕДНОСТ Интегрирани полициски системи за управување и евиденција на оружје МЕИДА и СРУО – ефикасни дигитални алатки на МВР во борбата против нелегалната трговија и незаконското поседување оружје, а кои се во насока на обезбедување дигитализација и унапредување на оперативните процеси, како и побрза институционалната размена на информации, согласно европските стандарди, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот Фејсбук профил.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното обраќање до јавноста рече дека доколку сакаат да преживеат, време е припадниците на руската војска да бегаат, пренесува Гардијан.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Ќе нема струја, ама ќе има свеќи, ќе нема телефони, ама ќе мора да се дружиме и да разговараме. Ќе нема струја за загревање на цел стан, ќе загреваме една просторија и ќе бидеме поблиску. Ќе се караме, ама тоа го правевме и досега во големите простории, сега барем ќе се караме од блиску. Ќе си легнуваме во незагреани соби и ќе мора да спиеме поблиску, а тоа отвора низа на теми за кои може и друг пат да се пишува. Значи во секоја лоша состојба мора да се најде и нешто за задоволство. Италијаните имаат еден филм што се вика „Ла вита е бела“, а ние си ја имаме нашата изрека – сиромав човек жив ѓавол е“, пишува Војо Маневски во колумната „Стабилизација како судбина“.
„Руската пропаганда во македонските медиуми останува силна, а јавноста постојано се „бомбардира“ со руски пропагандни пораки и дезинформации.
Пример за тоа се првите часови од офанзивата вдолж јужната линија на фронтот каде што, на 29 август, украинските сили започнаа офанзива за ослободување на регионот Херсон од руска окупација. Вестите за украинската офанзива ги преплавија интернет медиумите во попладневните часови, на 29 август. Беше тоа ретка прилика да се забележат наслови во кои не доминираат руски извори, констатираа колешките и колегите од мониторингот на Цивил.
Сепак, тоа траеше кратко. Околу еден час подоцна, осамнаа насловите во кои доминираше пропагандната порака од Москва: „Украинската контраофанзива пропадна“. Тие за кратко време го преплавија интернет просторот и останаа доминантна вест од Украина до крајот на денот“, пишува Џабир Дерала во текстот „Украинската офанзива и руската информативна контраофанзива“.
Д. Муратов