ЏАБИР ДЕРАЛА
Руската пропаганда во македонските медиуми останува силна, а јавноста постојано се „бомбардира“ со руски пропагандни пораки и дезинформации.
Пример за тоа се првите часови од офанзивата вдолж јужната линија на фронтот каде што, на 29 август, украинските сили започнаа офанзива за ослободување на регионот Херсон од руска окупација. Вестите за украинската офанзива ги преплавија интернет медиумите во попладневните часови, на 29 август. Беше тоа ретка прилика да се забележат наслови во кои не доминираат руски извори, констатираа колешките и колегите од мониторингот на Цивил.
Сепак, тоа траеше кратко. Околу еден час подоцна, осамнаа насловите во кои доминираше пропагандната порака од Москва: „Украинската контраофанзива пропадна“. Тие за кратко време го преплавија интернет просторот и останаа доминантна вест од Украина до крајот на денот.
Значи, прво се појавува бран со вести за украинската офанзива. Се користат западни агенциски извори, во случајов, Германската новинска агенција (ДПА) што ја пренесува македонската МИА. Но потоа следи уште посилен бран со „вести“ од Руската информативна агенција (РИА) која е под диктат на Кремљ. Покрај ТАСС, голем дел од македонските „неутрални“ и „објективни“ медиуми сесрдно ја користат РИА како „релевантен“ извор. Во руската информативна „контраофанзива“ се тврди дека украинските сили доживеале целосен и, како што велат од Москва, мизерен неуспех.
Гледајќи ја временската разлика со која се појавуваат извештаите, логиката го наметнува заклучокот дека воениот извештај на РИА бил напишан пред украинската офанзива воопшто и да започне.
Некој можеби ќе аргументира дека, сепак, се воспоставил баланс. Не е така. Медиумската публика, со овој начин на презентирање на вестите, ќе го стекне впечатокот дека украинските сили започнале одредена воена операција, но дека биле осуетени на самиот старт. Но токму тоа е целта на руската пропаганда за внатрешна и за меѓународна употреба – дека руските воени сили се непобедливи.
ПС. Овој текст не се занимава со воената состојба, туку само ги опишува состојбите со известувањето за војната и, преку конкретен случај, илустрира како функционира пропагандата.